Краткотрајното, но исклучително интензивно невреме што вчера го зафати Скопје зад себе остави материјална штета во речиси сите скопски населби. Според податоците на Министерството за внатрешни работи во Скопје до 22:00 часот се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица.
Дополнително МВР соопшти дека меѓу оштетените објекти се претседателскиот комплекс Вила Водно, објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Во нивното соопштение е наведено дека во невремето се регистрирани значителни последици и врз скопскиот аеродром, каде што поради поради протекување на кровот, излезот од државата беше во прекин околу час и половина.
„Природата не можеме да ја спречиме, но реагиравме брзо, организирано, навремено и одговорно“, напиша скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, на својот Фејсбук профил, каде соопшти дека со дежурните екипи работат на санирање на последиците од невремето.
Освен во Скопје, штети од невремето се пријавени и во останатите градови. Во Куманово се пријавени девет оштетени возила и три оштетени кровови,додека во Тетово три оштетувања на возила и две оштетувања на кровови. Во Велес се пријавени две оштетувања на возила предизвикани од паднати дрвја. Во Струмица пријавени се паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица. На подрачјето на Штип регистрирани се 14 оштетувања на возила и шест оштетувања на кровни конструкции.
Во Транзитниот центар Табановце се регистрирани оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти (шатори и помошни објекти), како и паднати дрвја без предизвикана материјална штета


