Соединетите Американски Држави (САД) и Иран повторно директно разменија напади откако американската војска нападна два ирански ракетни лансери, а Техеран возврати врз американски бази во Јордан, по еден месец мир меѓу двете страни, јавија светските медиуми.
Ова е прв американски напад врз Иран од 29 јули.
Американската војска прва нападна два ирански ракетни лансери на островот Ларак. Островот се наоѓа во стратешки важниот Ормутски Теснец.
Според Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), припадници на Иранската револуционерна гарда подготвувале операција со поморски мини. Американците тврдат дека ракетите требало да исфрлат мини во теснецот. ЦЕНТКОМ ја опиша операцијата како „ограничена и прецизна акција“. Според американската страна, иранските сили претставувале непосредна закана за пловидбата.
„Иран ја создаде заканата, а американската војска ја елиминираше за да ги заштити цивилните морнари, трговските бродови и слободниот тек на глобалната трговија“, соопшти ЦЕНТКОМ.
Жители од областа пријавија силна експлозија кај Ларак. Малиот остров се наоѓа покрај брегот на Бандар Абас, во јужен Иран.
Иранските државни медиуми објавија дека има загинати и повредени во нападот. Меѓу нив, според овие извештаи, има припадници на иранските сили и цивили.
Иранската револуционерна гарда американскиот напад го нарече „стратешка и смртоносна грешка“. Истовремено најави одмазда.
Новите напади на САД врз Иран доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на јули ја паузираше обвновената кампања врз Техеран по неуспехот на преговорите околу меморандумот за ставање крај на непријателствата меѓу двете земји.
Според информациите, Иран го пропушта танкерскиот сообраќај покрај островот. Сепак, некои извештаи, според Би-би-си, велат дека иранските власти претходно вршат проверки и наводно ги принудуваат бродовите да плаќаат такси и до два милиони долари за премин на теснецот.
Минатата недела САД објавија дека „почнуваат економски напад врз финансиските врски на Иран низ целиот свет“.
„Нашата цел е да ги прекинеме сите економски средства што го одржуваат овој тирански режим сè додека Техеран не остане сам“, изјави американскиот министер за финансии, Скот, Бесент на прес-конференција во Вашингтон на 24 август, само неколку дена откако тој и претседателот Доналд Трамп предупредија за „економскиот ден Д“.
Објавата дојде речиси шест месеци по почетокот на американско-израелската војна со Иран, која ги задуши испораките на енергија од Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец.
Значењето на Ормускиот теснец е огромно за светскиот енергетски систем. Преку него претходно се транспортираше околу една петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас, па секое сериозно нарушување на пловидбата би можело да предизвика силен шок на енергетските пазари.


