Нови напади од САД врз Иран откако американски војници загинаа во Јордан

Објавено:

Соединетите Американски Држави соопштија дека ја завршиле осмата последователна ноќ на напади врз Иран, откако претходно објавија дека двајца американски воени припадници биле убиени во Јордан, а уште еден се води како исчезнат по ирански напад.

САД и Иран ги интензивираа нападите откако привремениот договор за прекин на огнот, потпишан пред еден месец, пропадна минатата недела, со што се зголеми можноста за повторно избувнување на целосна војна – пишува новинската агенција Ројтерс.

Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека воздушните напади започнале во 18:00 часот по источноамериканско време во саботата, по наредба на претседателот Доналд Трамп.

Американската војска тој ден соопшти дека „ги гаѓала силите на Исламската револуционерна гарда кои на 17 јули извршија напади врз американски воени припадници во Јордан“.

Централната команда на САД додаде дека биле погодени и „ирански воени крајбрежни објекти за надзор и противвоздушна одбрана, поморски капацитети, како и складишта за ракети и беспилотни летала“ – објави британски Гардијан.

Во петокот американската војска соопшти дека ја извела седмата последователна ноќ на напади врз Иран, откако Доналд Трамп прогласи дека нивниот привремен договор за прекин на огнот е „завршен“, а дека потписот на врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е „безвреден и неважечки“.

Во соопштение што му се припишува на Хамнеи, кој не се појавил во јавноста од почетокот на војната, се предупредува на „незаборавни лекции“ доколку САД продолжат со нападите.

Кувајт во саботата го обвини Иран дека гаѓал цивилни објекти и клучна инфраструктура во земјата, меѓу кои електрана и постројка за десалинизација на вода. Кувајт, кој е една од најсувите земји во светот, обезбедува околу 90 проценти од водата за пиење преку десалинизација.

Земјата беше принудена накратко да го затвори својот воздушен простор додека пресретнуваше ирански ракети и беспилотни летала, а соопшти и дека неколку кувајтски пожарникари и еден работник биле повредени додека се бореле со пожарите предизвикани од иранските напади.