Обвинителството бара притвор за раководителите на гостиварски „Комуналец“, се соочуваат со казни од четири до 20 години затвор

Објавено:

Од четири години до максимални 20 години затвор е казната за кривичното дело „тешки дела против животната средина и природата“ предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење, за кое се осомничени директорката на ЈП „Комуналец“ од Гостивар, Артана Асани, техничкиот директор Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути, откако во општината беше прогласена епидемија поради загадена вода.

Обвинителството бара 30 дена притвор за тројцата осомничени, бидејќи се сомнева дека директорката и раководителите им дале наредби на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата во градскиот водовод. Тие денеска беа изведени пред судија на претходна постапка кој треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот за притвор.

Ќе се испитуваат и досегашните анализи кои покажувале дека водата е исправна, а со епидемиолошки анкети ќе треба да се утврди и евентуалната причинска врска меѓу водата и граѓаните кои побарале лекарска помош, најави Обвинителството од денешниот брифинг во ЈО – Гостивар.

Надлежниот Обвинител за случајот од ОЈО Гостивар, Хазби Исени, рече дека засега истрага е насочена само против тие три лица, но ќе може да се прошири и на други лица и институции во зависност од доказите што ќе произлезат.

Во тек се засилени инспекциски контроли, при што мостри се земаат од целиот водоснабдителен систем, од градинки, здравствени установи, угостителски објекти, верски објекти и други јавни институции.

Во изминатото деноноќие, во гостиварската болница биле прегледани нови 198 пациенти, информира директорот на болницата, Емри Бајрами. Поради здравствената состојба во која се наоѓа, еден од пациентите е упатен на Инфективната клиника во Скопје. На Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75, а во Ургентниот центар 12 пациенти. Бајрами додава дека клиничката слика и натаму се карактеризира со стомачни проблеми, а поретко со треска и покачена телесна температура.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека е забележано почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со стомачни тегоби во Гостивар.

Пријавата во МВР ја поднеле граѓани, на 16 јули, поради сомнеж дека кај Вруток има загадување на водата. Кога извршиле увид, претставници на институциите затекнале три пумпи од кои две биле во функција и пумпале загадена вода во каптажата.