Околу 70.000 Украинци во Одеса синоќа биле без струја

Објавено:

Околу 70 илјади домаќинства во украинскиот град Одеса синоќа биле без електрична енергија, соопшти во редовното вечерно видео-обраќање до нацијата украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Во текот на целиот ден во Одеса се работеше на обновување на снабдувањето со електрична енергија. Поголемиот дел од корисниците веќе имаат струја, но сè уште има работа“, посочи тој.

Зеленски им се заблагодари на сите вработени во техничките екипи и во енергетските компании, како и на припадниците на Државната служба за вонредни ситуации, кои учествуваат во обновувањето на снабдувањето.

„До вечерва околу 70 илјади семејства сè уште беа без струја. Сите неопходни ресурси се мобилизирани“, додаде украинскиот претседател.

Руските сили во ноќта спроти 9 август го нападнаа црноморскиот пристаништен град Одеса со балистички ракети и ударни дронови. Во нападот беа повредени најмалку 12 лица, а беше причинета и материјална штета на инфраструктурата.