Шест кандидати во трката за генерален секретар на ОН

Објавено:

Шест кандидати за функцијата генерален секретар на Обединетите нации(ОН) синоќа пред Генералното собрание на ОН ги претставија своите приоритети, на дебата организирана во формат сличен на телевизиско шоу.

Кандидатите за наследник на Антонио Гутереш по истекот на неговиот мандат, одговараа на прашања за предизвиците со кои се соочува Светската организација, меѓу кои застојот во Советот за безбедност на ОН, финансиските притисоци, зголемениот број меѓународни кризи…

Официјално пријавени кандидати се: генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, поранешниот претседател на Сенегал, Маки Сал, дипломатката од Костарика, Ребека Гринспан, постојаната претставничка на Гвајана во ОН, Каролин Родригес-Биркет, поранешната претседателка на Чиле, Мишел Бачелет и поранешната претседателка на Генералното собрание на ОН, Марија Фернанда Еспиноса од Еквадор.

Дипломатите и набљудувачите во ОН засега немаат издвоено јасен фаворит, а во трката би можеле да се вклучат и други кандидати.

По една деценија на чело на Обединетите нации, Антонио Гутереш ќе го заврши својот втор мандат како генерален секретар на 31 декември.

Генералниот секретар на ОН се избира од Генералното собрание на ОН, по препорака на Советот за безбедност, со клучна улога на петте постојани членки

Процедурата за избор е таква што Советот гласа за кандидатите (вклучувајќи и тајни круг-гласања) и предлага само еден кандидат до Генералното собрание. Петте постојани членки на Советот за безбедност (САД, Русија, Кина, Обединетото Кралство и Франција) можат со вето да го отфрлат секој кандидат. Ниту еден кандидат не може да помине без нивна согласност.

Откако Советот за безбедност ќе даде препорака, Генералното собрание го избира победничкиот кандидат.