Шест месеци по американските и израелските воздушни удари врз Иран, што покренаа конфликт кој ги потресе енергетските пазари и го наруши глобалниот поморски сообраќај, и понатаму не се назира јасен крај на конфронтацијата. Иако иранските воени капацитети претрпеа сериозна штета, Техеран и натаму задржува значително влијание преку Ормускиот теснец.
Следната фаза на конфликтот ќе ја обликуваат четири клучни прашања: колку долго Иран може да издржи економски притисок, дали дипломатијата може да ги претвори воените добивки во трајно решение, што ќе биде со Ормускиот теснец и дали Русија и Кина ќе му помогнат на Техеран да ги обнови своите капацитети, ги пренесува Радио Слободна Европа анализите на експертите се кои разговарале.
„Економски удар“
Пензионираниот вицеадмирал Роберт Харворд, поранешен заменик командант на Американската централна команда (CENTCOM), оценува дека ситуацијата моментално е во состојба на своевидна рамнотежа. Сепак, тој смета дека времето работи против Техеран.
„Времето е нивниот најголем проблем“, изјави Харворд за РСЕ, наведувајќи дека долготрајниот економски притисок може да стане внатрешна закана за иранските власти.
Социјалните и економските прашања беа повод за масовни протести во декември и јануари, кои беа задушени со употреба на сила и со илјадници загинати демонстранти.
Вашингтон токму на тој начин го претставува конфликтот. Американскиот министер за финансии Скот Бесент најави на 24 август мерки што ги нарече „економски удар“, односно пакет за дополнителна изолација на Иран.
Харворд смета дека притисокот може да стане сериозен проблем за власта доколку Техеран има потешкотии да ја финансира Револуционерната гарда, милицијата Басиж и други државни институции или ако граѓаните се соочат со недостиг на гориво и основни животни намирници.
Според него, претстојната зима може дополнително да ги засили последиците од таквиот притисок.

Кина во средиштето на калкулациите
Клучна улога во сето тоа има Кина.
Елејн Дезенски, директорка на Центарот за економска и финансиска моќ при Фондацијата за одбрана на демократиите, вели дека економските односи меѓу Кина и Иран се значајни, но не претставуваат класичен сојуз.
Околу 80 проценти од иранскиот извоз на нафта завршува во Кина, но иранската нафта сочинува само 12 до 13 проценти од кинескиот увоз на сурова нафта.
„Кога би Кина ја обуставила куповината на иранска нафта, тоа би имало огромно влијание“, рече Дезенски.
Сепак, Пекинг досега се спротивставува на американските притисоци да ги промени трговските односи со Техеран.
Таа предупредува и на поширока финансиска димензија на проблемот.
Продажбата на иранска нафта во јуани и користењето платни системи надвор од мрежата на американскиот долар ја зајакнуваат алтернативната финансиска инфраструктура.
„Начинот на кој Иран ги врши овие трансакции, како и поддршката што Кина ја дава за нив, претставува обид за поткопување на улогата на американскиот долар на глобалниот енергетски пазар“, рече таа.
Може ли дипломатијата да се врати?
Иако нови воени дејства не се исклучени, поединечни функционери сугерираат дека воздушните удари можеби ја достигнале границата на својата ефикасност.
Со други зборови, останало малку цели што би можеле да бидат нападнати.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави во јуни дека иранската воено-индустриска база претрпела „масовни разурнувања“ од 80 до 90 проценти.
Претседателот Доналд Трамп тврдеше дека се уништени 82 до 90 проценти од иранските ракети и лансери, додека повеќепати повтори дека иранската морнарица практично е уништена.
Сепак, она што остана се покажа доволно за и понатаму да ја попречува пловидбата низ Ормускиот мореуз.
За Бредли Бауман, директор на Центарот за воена и политичка моќ при Фондацијата за одбрана на демократиите, клучно е да се разликува воениот успех од траен политички резултат.
„Соединетите Држави на Блискиот Исток повеќепати се соочуваа со проблемот победите на бојното поле да не успеат да се претворат во одржливи политички резултати. Често победуваме на бојното поле, а губиме на преговарачка маса“, вели Бауман.
Тој додаде дека трајна политичка промена во Иран мора да дојде од самите Иранци.
Според него, Вашингтон нема политичка волја да испрати „илјадници и илјадници војници“ во Иран и да ги прифати загубите што би ги носела таква операција.
Ормускиот теснец како главен адут на Иран
За Џавдат Бахгат, професор по национална безбедност на Универзитетот за национална одбрана на САД, најважниот развој на настаните во изминатите шест месеци е тоа што Ормускиот теснец стана главниот преостанат инструмент на притисок на Иран.
„Дури и ако биде потпишан привремен договор, тој ќе остане привремен. Во иднина ќе продолжат да се закануваат со затворање на мореузот“, рече тој.
Преку Ормускиот теснец или мореуз традиционално минува околу една петина од светската трговија со нафта, течен природен гас и други важни стоки. Мореузот на најтесното место е широк само околу 39 километри. Иран и Оман и двата полагаат право на максимални 22,2 километри територијални води, колку што дозволува Конвенцијата на ОН за правото на море, па во тој дел практично нема меѓународни води. Техеран, меѓутоа, никогаш не ја ратификувал таа конвенција и тврди дека таа не го обврзува.
Бахгат смета дека заливските држави на крајот би можеле да поддржат аранжман што би донел стабилност дури и ако подразбира одредена иранска улога во управувањето со мореузот.
Нивен приоритет е, вели тој, враќање на економската стабилност. Бауман додава дека Иран не мора целосно да го затвори преминот. Повремени напади со ракети или дронови се доволни за да ги зголемат трошоците за осигурување и да ги одвратат бродовите од пловидба.
„Тоа нашите арапски партнери практично ги претвора во средство преку кое Иран врши притисок врз Вашингтон“, вели тој.
Помош од Русија и Кина
Уште едно важно прашање е дали иранските сојузници ќе помогнат во обновата на неговите воени капацитети.
Бауман истакнува кинески испораки на хемиски компоненти и руската поддршка во вид на разузнавачки податоци и технологија за дронови како доказ за растечка помош.
Според неговите зборови, Москва разгледува испорака на борбени авиони Су‑35 за Иран, додека Пекинг би можел да премине од испорака на стоки со двојна намена кон директна испорака на оружје и муниција. Колку далеку ќе оди таа поддршка ќе зависи од проценката на Кина и Русија за можниот одговор на Вашингтон.
„Она од што Кина најмногу се плаши се секундарните американски санкции“, вели Бауман.


