ФОТО: Со шверцувани змии и гуштер од Грција влегол во Македонија, приведен косовски државјанин

Објавено:

Четири питони, три други змии и неколку специфични видови на гуштери, биле дел од заплената на македонските цариници на македонско-грчкиот граничен премин Богородица. Влекачите си биле спакувани во пластнични кутии и сокриени под седиштето на возачот кој имал косовско државјанство.

Главно станува збор за заштитени видови, два питони од видот „Carpet Spilota“, еден питон од видот „Short tailed“, еден питон од видот „Brandly Carpet“, една змија „Chinese Ring rat“, како и од „Raticulated Super Dwarf“. Воедно меѓу запленетите змии е и отровна змија „Baron sneake“,“ е наведено во соопштението од Царинската управа.

Во него е посочено дека влекачите ќе бидат предадени на надлежните институции, а против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.

Царинската управа известува дека заштитените видови се строго регулирани со задолжителни дозволи согласно Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива флора и фауна и секој внес без овие дозволи се смета за недозволен внес.

Македонските закони за неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни и птици предвидуваат парична казна или затвор до три години

Според Глобалниот индекс за организиран криминал за 2025 година, Северна Македонија функционира и како транзитен и како дестинациски пазар за трговија со диви животни, при што цел се заштитени видови како што се балканскиот рис и кафеавата мечка.

„Нелегалната трговија со диви животни е првенствено мотивирана од финансиска добивка, а во некои случаи се вклучени транснационални мрежи“, се вели во извештајот.

Македонските невладини организации кои се занимаваат со заштита на животните велат дека во земјава се случува криумчарење на егзотични диви животни, но и со домашни миленичиња како мачки и кучиња со педигре.

Во 2024 и 2025 година полицијата покренала кривични пријави против петмина осомничени за три кривични дела „неовластено чување и отуѓување на диви животни и птици“, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи.

Дата базата на CITES, покажува ризик од сериозни бројки на нелегална трговија со животни. Најголем извоз на животни од земјава бележат неколку видови желки. Според податоците од дата базата само за пет години од земјава се извезени над сто илјади желки кои завршиле во Чиле, САД, Шпанија, Велика Британија, Јапонија, Индонезија. Проблемот е во тоа што овие земји пријавиле дека нешто повеќе од половина од овие желки пристигнале до нив.

Во таканаречената „црвена листа “ на Конценцијата е наведено дека „разликите во пријавените бројки за извоз меѓу различните извори укажуваат на веројатноста за многу поголеми и потешко откриени размери на нелегално тргуваните животни“.

Во извештајот на Глобален индекс за организиран криминал за 2025 година, се посочува дека еден од клучните системски проблеми е слабото спроведување на законите поради ограничениот институционален капацитет и регулаторните двосмислености.

Слични заклучоци има и во извештајот изработен од неколку меѓународни организации кои се занимаваат со заштита на животните од трговија и за добробит на дивиот свет, наречен Украден див свет.

Во него е истакнато дека Македонија, поради својата положба, како земја која не е во ЕУ, но се граничи со држави од ЕУ се наоѓа на таканаречениот Медитерански шверцерски пат. Таа често претставува земја за лесен транзит на диви видови, поради слабата можност на државата да го следи овој криминал.