Ај соблечи ја, ако можеш! Дури и да го смениш надворешниот слој, внатрешниот останува твој. Од оваа кожа не се може. Тесен чевел ќе прошириш, но ако ти е тесно во сопствената кожа, нема калапи што ќе ја прошират. Попусто се обидувал да ја прошири тесната кожа, главниот лик од романот на Балзак „Шагринска кожа”, откако ја продал душата на ѓаволот. Му се намалувала кожата после секоја негова остварена желба. Повеќе желби – потесна кожа. Но, пред да склучи ,,зделка” со ѓаволот, младиот Рафаел сопствената кожа претходно ја закачил да виси како капут кога влегол да се коцка во коцкарница. Таму, секој гостин намерник кога ќе ги обеси шапката и шинелот на закачалка, исто како да си го обесил животот. Сепак, тоа е роман со фантастични елементи, без оглед што е пореален и од реалноста.
Во реалноста, секој си ја носи својата кожа. Магарето магарешка, човекот човечка, а предаторот змиска. Од своја кожа не можеш да излезеш, освен ако не си змија во одело, предатор кој менува и кожа и маска, кога лови плен. ,,Змии во одела” е симболично име за новата класа, елита која енормно бргу стекнува имот, функција и капитал, газејќи преку трупови.
,,Љ(уби) го ближниот свој” како религиско, етичко начело се губи во темната страна на космосот. ,,Ближни” треба да е атрибут на човек кој на човекот му е близок, не само во роднинска поврзаност, туку во моќта на разбирањето и сочувствувањето. На емпатот не треба да му кажете како ви е, ниту да му побарате помош. Тој веќе чувствува, реагира и помага пред да му се обратите. Но сѐ поретки се луѓето со развиена емоционална интелигенција, редок вид во исчезнување. Емпатијата се потиснува од наездата на психопатија, чие главно оружје е неспособност за сочувствување и недостаток грижа на совест. Емоционални манипулатори, агресивно и дрско ги туркаат емпатите со развиена емоционална интелигенција.
Светот го владеат „змии во одела”, високо интелигентни, успешни и богати, моќни и бескруполозни, со развиени чувства само за себе и своите потреби. Метафора на претерана емпатија или панемпатија е можна единствено во ликот на Господ! Ние обичните смртници не сме совршени како него. Не е емпатија само да влезеш во туѓ и неудобен чевел, туку и да чекориш со него додека ти прави плускавци. Не е емпатија само да ти се наежи кожата кога гледаш во туѓа среќа или мака, туку да им ја подадеш својата во радост или тага. Имуност за човечка тага е расчовечување на човекот во себе. Без љубов, грижа и сочувство се убиваме меѓусебно, секогаш обвинувајќи го другиот дека тој е причина за вашето агресивно однесување. „Психокилерот” не може да види вина во себе. Нарцисоидната пореметеност му го ремети чувството за совест. Убеден во сопствената грандиозност, вината ја гледа во другите. Неговото огледало има поинаква рефлексија, го гледа во другите тоа што е самиот. Чесност и правичност гледа само во себе.
Змии во одела или тајкуни со бели јаки, масовно го владеат светот. Блиску до нив се ,,фотелјашите” Идеалот ,,фотелја” – сместување задник во седалото на власта, се идеалите на фотелјашите, заседнати во скутот на бело-крагнестите тајкуни. Му преседнаа на обичниот граѓанин. Човештвото го заседнаа предатори и полтрони. Наседнавме на нивниот површен шарм, сплеткарска ласцивност, купена интелигенција, папагалски повторливо празна демагогија и полнењето џебови.
Секоја чест на исклучоците, но не секој паричник се полни со чесно заработени пари. Впрочем, што беше тоа чесност, романтична илузија за вредност. И на Рене Декарт му е сменето геслото! Кога не може името, барем некоја промена, оти секоја промена е добра, дури и кога е лоша, како промена на име. Од лошо полошо. Од две зла поголемото. Од ,,мислам значи постојам” во ,,грабам за да опстојам”, во сѐ побескруполозниот материјалистички систем на деградирано и во сите сфери деформирано општество.
Пребогати и пресиромашни, двете класи на новиот милениум и новото политичко ,,миле” насекаде низ светот.
За време на сите војни низ историјата, за време на светските војни, секогаш некаде имало слободна и воено неутрална територија. Сега нема место на светов каде политиката не допира. А каде допира, таму растура. Затоа има војни, лични, семејни, колективни, светски и религиски… За агресивните, религиските начела се клише, параван зад кој кријат змиско срце. Само змија менува кожа. Човекот менува образ и наличје. Од своја кожа не може во друга.
Кожата е нашата надворешна душа која извира низ секоја пора.
Облеката е само рамка на нашата кожа. Може да го украси, да го гнаси, да го камуфлира и етикетира. Но облеката може да се соблече и смени. Кожата е платно врз кое се оцртува душата. Чувајте го платното, рамката се менува. Исто така и со политиката, чувајте го образот власта се менува.
Кожата е најголемиот човечки орган, правилно распространет од темето до петиците. Кожата е нашиот оклоп, нѐ штити од вируси и бактерии, нашиот сензор, преку кого чувствувме надворешни дразби. Кожата е емотивна, освен ако не си ,,дебелокожец” па реагираш само на сопствената болка. За туѓата немаш сензори. Дури не може ни да ти се наежи кожата, ниту крене коса на темето кога гледаш туѓи убавини, стравови или страдања. Туѓи се, не се твои. Реагираш само на она што е поврзано со тебе и твоите чувства за себе. Речиси сечија кожа се пигментира од сонцето, поцрвенува и потемнува. Ретко чија кожа поцрвенува од срам. Може да ја видите кај децата со поруменети обравчиња кога се фатени во лага. Можете, ама сѐ поретко. И децата научија од нас возрасните да лажат, без око да им трепне.
Ниту еден козметички третман не може да разубави кожа сива од тага. Ниту еден заштитен фактор не штити кожа прегорена од мака. Кожата е нашата надворешна душа која дише низ секоја пора. Облеката е само рамка на нашата кожа. Кожата е платно врз кое се оцртуваат годините, а облеката ѝ е рамка.
Чувајте го платното, рамката се менува!


