И ако во претходните колумни насловите имаа преносно значење, овој пат насловот е во прво лице еднина.
Циглата у глава беше наменета за мене, авторот на текстов. Не дека влегов во директен конфликт со некој разуздан орјак од скопскиот асфалт, туку од глава (буквално) ми се удри културното наследство на нашата прекрасна земја, поточно незаинтересираноста на надлежните да ги одржуваат објектите во здрава и исправна состојба.
Движејќи се низ Старата скопска чаршија во понеделникот изутрина, подзапирајќи во близина на еден од објектите кои таму се наоѓаат години наназад, од кровната конструкција или од ѕидот веднаш под кровната конструкција, се откачи парче малтер и цигла и слета директно на мојата ќелава лобања.
Србите би рекле „ничим изазвано“, кај нас би се превело „од ништо непредизвикано“, но ете реално изводливо. Времето беше сончево, немаше ветер, ниту дожд, ниту невреме, фактори кои можат да влијаат на ваков расплет, но очигледно надворешните фактори не се доволна причина да не се сруши дел од еден објект во делот од градот кој е профилиран како „Заштитено културно наследство“.
Веројатно неколку милиметри од факторот среќа и мојата тврдоглавост одлучија дека денес ќе пишувам колумна, наместо луѓето да се насладуваат со бомбици од блага пченица на соодветната процесија во моја чест.
Но, да се вратиме на реалниот проблем, пред да биде предоцна и пред некој друг да го извлече подебелиот крај, буквално крај.
Старата скопска чаршија е симбол на градот, постои повеќе од 6-7 столетија, а според некои записи, на тоа место постоеле трговски објекти дури и во 12 век. Низ вековите таа претрпела разни несреќи и катастрофи, земјотреси, војни, поплави… но ретко која од тие катастрофи афектирале на нејзината запуштеност и „индијанско“ корумпирање на нејзиниот изглед, простор и состојба, како неодговорноста на нашите власти во изминативе 35 години независност.
Според Википедија, на територијата на чаршијата се сместени 25 објекти со статус на заштитено културно добро како споменици на културата, чијшто статус бил доделен во периодот од 1950 до 1967 година, а со донесувањето на Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година и самата Стара скопска чаршија била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.
И сето ова би звучело прекрасно, доколку напишаното на хартија се почитува и во пракса.
На терен работите тотално поинакви. Години и години наназад никој не го почитува законот.
Околу чаршијата „никнаа“ грди и неплански изградени објекти, кои и во обичен дел од градот би имале сомнителни градежни дозволи, а не пак во заштитена зона.
Во самата чаршија се појави стеснување, окупација и прекројување на уличките согласно потребите на маалските панаѓурџии и моќници, а да не ни отвараме уста за уривањето на стариот хотел Шар Ан, кој беше заштитен како недвижно културно наследство. За воља на вистината, за последниов случај се водеше судска постапка за која не би знаел во која фаза е.
Значи да заклучиме, во Чаршијата е изменето се, се „реновира“ и обновува се (нормално по законот на дивината), освен тоа што навистина треба да се реновира и реконструира под стручна надлежност и согласно Законот за Старата скопска чаршија, кој сè уште си стои како мртво слово на хартија.
Иницијативите за ставање ред во урбанизацијата, контролирано градење, за жал, како и во повеќето општини во Македонија, завршуваат при првата желба на одреден заслужен партиски војник да узурпира дел од културното наследство за своја „повисока“ цел, а обновување на дотраените објекти се бутка под тепих до формирање на некоја следна комисија која треба да ја утврди нивната состојба.
Скопската чаршија за мене претставува дел од мојот културен идентитет. Место кое за мене претставува едно од оние посебни места во градот, место чија монументална вредност со гордост ја презентирам на секој странец кој намерно или ненамерно ќе се појави во овој град.
На територијата на ова историско парче земја во последните 20 години сум продуцирал, реализирал и посетил мал милион културни настани. Од „Звуците на чаршијата“, „Реоткривање на патеката на културата“, претстави во „Детскиот театарски центар, „Македокс“, до безброј изложби, концерти, филмски проекции, мултимедијални настани кои придонеле да се почуствува конекцијата помеѓу исконската вредност на културното наследство и модерниот дух на градот. Спој кој треба да биде ѕвезда водилка на патот кон потврда и градење културен идентитет на еден народ и нација.
Тука се и кафаните, баровите, ноќните клубови кои биле неизбежен дел од мојот, а и градскиот ноќен живот низ годините. Илјадници и илјадници луѓе се слеале низ тесните улички на овој простор со една цел, да си поминат убав ден или убава ноќ.
Последниве години, чаршијата е особено интересна и за туристите кои го посетуваат Скопје. При секоја следна посета забележувам се поголема група странски државјани кои со себе понесуваат впечатоци од историјата на овој простор, но и од љубезноста на занаетчиите, кафанџиите, уметниците кои работат и творат во овој кварт.
За жал, се останато што имаме ние (читај: државата/институциите) да им понудиме е Цигла у глаа!
Цигла, како симбол на негрижата кон она што е наше и она со што треба да се гордееме и гордо да го претставува нашето минато и културолошка сегашност.
Впрочем, чуму ни е нам сето ова „замарање со небитни детаљи и закони“ кога си имаме локални шерифи, кои си имаат државни моќници, кои пак лесно жонглираат со државните интереси во партиски цели? М?
Само ми е страв дека денес циглата удри на моја глава, но утре…? Којзнае… таа не бира, само паѓа.


