Оркански ветер со брзина до 134 километри на час ја погоди Северна Македонија на 21 јули, оставајќи зад себе сериозни штети во повеќе градови. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), станува збор за исклучително редок метеоролошки феномен за овие простори, a тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери.
Оркански или урагански се смета ветерот кој ќе надмине брзина од над 118 километри на час, и кој може да предизвика сериозни разурнувања и материјални штети. Најсилниот удар бил измерен во Штип, каде ветерот достигнал 134 км/ч, додека во Скопје и Струмица ветерот бил регистриран со 130 км/ч.
Според УХМР, ваква сила на ветерот ретко се забележува во земјава. Последен сличен случај бил регистриран во јули 2012 година, кога во штипскиот регион бил измерен ветер со брзина од 155 км/ч.
Невремето што ја зафати земјата предизвика голем број интервенции и материјална штета. Од невремето повредени лица побарале медицинска помош. Во Клиниката „Св. Наум Охридски“ биле прегледани 22 пациенти, од кои двајца се задржани на лекување. На ТОАРИЛУЦ биле прегледани 11 пациенти, а кај тројца биле констатирани посериозни скршеници.
На бројот 112 биле примени повеќе од 9.000 повици од граѓани. Само во Скопје се евидентирани 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и десет повредени лица.
Дополнително МВР соопшти дека меѓу оштетените објекти се претседателскиот комплекс Вила Водно, објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Најголеми последици имаа и дел од здравствените установи. Во штипската Клиничка болница е оштетена покривната конструкција, а во скопската ГОБ „8 Септември“ има оштетувања на покривот. Министерството за здравство информира дека во погодените установи се прави проценка на штетите, по што ќе започне санацијата.


