Владата го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека ова е важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор.
„Законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и поддршка од Светската здравствена организација“, наведуваат од МЗ во објавата на Фејсбук.
Пред неколку дена премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор, изјави дека очекува Предлог-законот по усвојувањето од страна на Владата, во најбрз можен рок да помине и во Собранието.
Како што најави, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.
Законот, како што беше нагласено на состанокот, ја затвора сивата зона за терасите – воведува прецизни и спроведливи критериуми како треба да бидат адаптирани кога станува збор за пушењето. Предвидува и строги, ригорозни контроли за евентуално непочитување на неговото спроведување.
Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот по неговото донесување истакнувајќи дека нема да има повластени.
Според резултатите на Институтот за јавно здравје од истражувањето во 2023 година дури 45,4 проценти, од возрасната популација во земјава се изјасниле како активни пушачи. Според анализите на Светската здравствена организација 14 од 100 млади луѓе во земјава користат тутун, а 9 проценти од нив користат електронски цигари. Од 2016 година досега употребата на електронски цигари е двојно зголемена.


