Украинскиот претседател Володимир Зеленски издаде декрет со кој му доделува Орден на слободата на американскиот милијардер и сопственик на „Спејс Икс“ (SpaceX) и „Тесла“ (Tesla), Илон Маск.
„Орденот на слободата му се доделува на Илон Маск, претприемач, инженер и раководител на SpaceX и Tesla во Соединетите Американски Држави“, се наведува во претседателскиот декрет.
Според декретот, Маск е награден за „извонреден личен придонес во заштитата на човечкиот живот и слободата, како и во развојот на односите меѓу народите на Украина и САД“.
Одликувањето доаѓа во период кога Киев бара одобрување од Маск за користење на „Старлинк“ (Starlink) – приватна интернет сателитска мрежа во сопственост на „Спејс Икс“ со цел да ја прошири употребата на беспилотни летала за одбрана од руските балистички ракети.
Украина се надева дека ваквата технологија би можела да ѝ помогне да ја наруши способноста на Русија да напаѓа украински градови.
Исто така, украинските сили сè повеќе користат дронови опремени со технологија со „Старлинк“ над територијата окупирана од Русија, особено на растојанија од 50 до 200 километри од фронтовската линија. Овие беспилотни летала се користат за напад врз руските логистички рути во областите каде што Киев ја интензивираше својата офанзивна кампања.


