Украинскиот претседател Володимир Зеленски в сабота (8 август) ќе отпатува во официјална посета на Србија, објавија од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Оттаму не објавуваат детали за посетата најавувајќи дека програмата благовремено ќе биде објавена.
Србија е единствената земја од регионот и од кандидатките за членки на ЕУ, што не се приклучи на санкциите на Европската Унија кон Русија воведени поради инвазијата на Украина. Од друга страна, пак, за Киев и Белград заеднички се аспирациите за членство на Унијата и залагањето на тероторијалниот интегритет на државите.
Србија ја осуди инвазијата што започна во февруари 2022, но никогаш по тоа прашање не се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и не воведе санкции за Москва.
Тоа првично се сметаше и за главна пречка во застојот на преговорите на Белград за членство во ЕУ. Од почетокот на инвазијата, Србија не отвори или затвори ниту едно ново поглавје. Во меѓувреме, се влошија и извештаите од Брисел во однос на владеењето на правото во земјата.
Ова ќе биде прва официјална посета на Зеленски на Србија, не само од почетокот на војната туку воопшто од стапувањето на должноста претседател на Украина во 2019 година.



