Зошто Моди сака Индијците да купуваат помалку злато и да не летуваат во странство

Објавено:

Додека нема изгледи за јасен крај на војната во Иран, која трае веќе три месеци, молбите на премиерот на Индија, Нарендра Моди, кон своите граѓани одекнаа ширум светот. Тој побара Индијците да го „стегнат ременот“ – ако е можно да работат од дома, да избегнуваат непотребни патувања во странство, да купуваат помалку злато и да трошат помалку гориво.

Повици кои потсетија на времето од ковид-пандемијата. Додека тогаш примарна цел беше здравствената заштита, овој пат, целта е економски опстанок – да се штедат долари.

Ваквиот апел од Моди предизвика бран паника на финансиските пазари во Индија.

Но, зошто ранливоста на оваа земја од војната на Блискиот Исток е толку голема?, е прашањето на кое се осврнува Би-би-си во својата анализата.

Индија увезува приближно 90% од својата сурова нафта и половина од потребите за гас ги покрива преку увоз. Поради Ормускиот Теснец, низ кој транзитира голем дел од светската нафта, а кој е затворен повеќе од два месеци по започнувањето на војната, сметката за увоз на Индија се зголемила за милијарда долари.

Цените на авионските билети скокнаа поради трошоците за гориво на авиокомпаниите. Одморите и патувањата во странство станаа поскапи. Увозот на злато, што хронично го исцрпува девизниот курс, поскапи – владата ги зголеми увозните давачки за злато и сребро на 15%.

„Она што првично се сметаше за привремен шок сега може да се претвори во продолжена криза.

Ако тоа се случи, Индија би може да биде една од најтешко погодените економии“, вели за Би-би-си Раџесвари Сенгупта, вонреден професор по економија на Институтот за развојни истражувања од Мумбаи, „Индира Ганди“.

Зад необичниот апел на Моди предизвикан од повисоките цени лежи подлабока вознемиреност во Делхи: иако Индија не останува без долари како што беше во кризата во 1991, сепак побарувачката на долари почнува да ја надминува понудата со едно непријатно темпо.

Пред 35 години, Индија имаше едвај доволно резерви за да ги покрие увозните давачки за три недели. Денес, има околу 690 милијарди долари резерви – тие се меѓу највисоките во светот и се доволни за да се покрие увозот на стоки за 11 месеци.

Оттука, нема непосреден ризик од неплаќање, но притисоците сепак се реални, пишува Би-би-си.

Скапнатиот увоз на нафта, гас, ѓубрива и злато ја зголемува побарувачката за долари додека од друга страна приливот од странски инвестиции слабее, извозот забавува, а геополитичката неизвесност ги потресува пазарите. Од почетокот на војната во Иран (28 февруари), девизните резерви на Индија се намалија за 38 милијарди долари што е еден од најострите падови во регионот.

Јапонската брокерска куќа „Номура“ предвидува дека фискалниот дефицит на Индија – јазот меѓу владините трошоци и приливите, ќе се зголеми за 4,6% од БДП до март 2027 година.

Главниот економски советник на Индија, Ананта Нагесваран, оцени дека оваа година клучниот макроекономски предизвик за земјата ќе биде да ја одржува надворешната рамнотежа под контрола, а воедно и да го спречи слабеењето на рупијата (индиска валута) во споредба со доларот.

Но, дел од економистите тврдат дека проблемите со националната валута датираат уште пред војната и не може да се решат само со мерки за штедење.

Имено, странските инвеститори од Индија повлекоа околу 22 милијарди долари од индиските акции во последните неколку месеци од повеќе причини: загриженоста за забавувањето на глобалната трговија, заканите од американските царини и (не)способноста на Индија да се натпреварува во индустриите во однос на развојот на вештачката интелигенција и електричните возила.

Поради тоа, не многу индустрии гледаат долгорочни процеси во Индија, како што тоа го гледаат на други места во Азија.

Нето странските директни инвестиции стагнираат, што придонесе рупијата да стане една од валутите со најслаби перформанси во Азија оваа година со пад од 6-7%.

„Во моите 30 години инвестирање, никогаш не сум видел таква (инвеститорска) рамнодушност кон Индија“, рече глобалниот инвеститор и автор Ручир Шарма за весникот „Индијан експрес“.

Многу економисти посочуваат дека Индија отсекогаш ја третирала девалвацијата на својата валута не само од економски аспект, туку и како прашање на национален престиж.

Пораката на Моди кон граѓаните за да го „стегнат ременот“ за многумина е јасна: ако не може да се зголеми понудата (поради трошоците), тогаш мора да се ограничи побарувачката.

Пазарите се немилосрдни, а вистинската дебата не е дали цените ќе растат, туку кој треба да ја сноси болката.