Високи претставници од САД и Иран се очекува да се состанат во Исламабад во разговори кои би можеле да претставуваат најзначајна дипломатска средба меѓу двете земји во последните четири децении. Средбата доаѓа во време на зголемени тензии околу Ормутскиот теснец и израелските воздушни напади во Либан, кои дополнително ја комплицираат можноста за поширок договор за завршување на конфликтот во регионот.
Според агенцијата Ројтерс и други светски новински агенции, американската делегација се очекува да ја предводат потпретседателот Џ.Д. Венс, специјалниот претставник Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Од иранска страна, во разговорите треба да учествуваат министерот за надворешни работи Абас Аракчи и претседателот на парламентот Мохамед Бакер Калибаф, кој во изминатите недели упатуваше остри антиамерикански изјави.
Сè уште не е целосно јасно кога точно ќе започнат формалните преговори. Пакистанскиот премиер Шебахз Шариф соопшти дека разговорите ќе почнат на 10 април, додека Белата куќа наведе дека почетокот е предвиден за 11 април.
Сепак, се очекува страните да не се сретнат директно, туку разговорите да се одвиваат индиректно преку посредство на пакистански претставници.
Пакистанските власти прогласија два дена државни празници во главниот град пред разговорите, мерка што често се применува за време на големи дипломатски настани од безбедносни причини. Хотелот „Серена“, сместен во силно обезбедуваната Црвена зона во Исламабад, беше испразнет од гости на 8 април за да биде домаќин на делегациите. Во областа се распоредени повеќе од 10.000 припадници на полицијата, паравоени сили, ренџери и воен персонал.
За делегатите и новинарите кои пристигнуваат на разговорите, пакистанските власти ги укинаа визните процедури.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 9 април изјави за NBC News дека е „многу оптимист“ во врска со можноста за постигнување мировен договор со Иран, додавајќи дека Израел во меѓувреме ги „ограничува“ нападите во Либан.
Во телефонско интервју за телевизијата, Трамп рече дека иранските лидери се „многу поразумни“ кога разговараат приватно, но предупреди дека „ако не се постигне договор, последиците ќе бидат многу болни“.
Спорот околу Ормутскиот теснец предизвикува глобална енергетска загриженост
Во исто време, Трамп го критикуваше Техеран поради неговите планови поврзани со Ормутскиот теснец.
„Иран работи многу лошо, некои би рекле и нечесно, кога станува збор за дозволувањето на нафтата да поминува низ Ормутскиот теснец. Тоа не е договорот што го имаме“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Во друга објава тој додаде дека постојат извештаи дека Иран наплаќа такси за танкерите што минуваат низ теснецот и предупреди дека „подобро е да не го прават тоа – а ако веќе го прават, веднаш да престанат“.
Едно од клучните барања на Трамп, како дел од двонеделниот договор за прекин на огнот што овозможи разговорите во Исламабад, е обезбедување слободен проток на бродови низ Ормутскиот теснец, кој Иран практично го блокираше.
Техеран најави дека ќе го отвори теснецот, но само со координација со иранската војска и со плаќање патарина. Досега бродовите никогаш не плаќале за транзит низ овој теснец, кој се смета за меѓународен воден пат надвор од јурисдикцијата на поединечна држава.
Блокадата создаде сериозно тесно грло за танкерите со нафта и гас и предизвика глобална енергетска криза и раст на цените.
Можноста за наплата на патарина предизвика остри реакции од светските лидери. Европската унија, Велика Британија, Грција и други држави го осудија планот на Иран.
Според Блумберг, од бродските компании би можело да се бара да платат и до 2 милиони долари по брод. Фајненшл тајмс, пак, објави дека евентуалните плаќања кон иранските власти би се вршеле исклучиво во криптовалути или кинески јуани.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој престојува во тридневна посета на Персискиот Залив, ја отфрли можноста Иран да наплаќа за користење на виталниот теснец.
„Нашата позиција е јасна – теснецот треба да остане отворен за безбедна пловидба“, изјави тој за британската телевизија, додавајќи дека тоа подразбира бесплатен премин за бродовите.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас порача дека сите страни мора целосно да го почитуваат прекинот на огнот и да ја гарантираат слободата на пловидба.
„Ги повикуваме сите вклучени да ги прекинат воените операции и целосно да обезбедат слободна и безбедна пловидба низ Ормутскиот теснец, во согласност со меѓународното право“, изјави таа.
Јапонскиот премиер Санае Такаичи, чија земја добива околу 95 проценти од нафтата од Блискиот Исток, во телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан побара деескалација на тензиите и гаранции за безбедноста на бродовите во теснецот.
Во меѓувреме, според изјава што му се припишува на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, прочитана на државната телевизија на 9 април, Техеран планира да воспостави нов систем на контрола врз теснецот.
Во изјавата се наведува дека Иран „дефинитивно ќе го доведе управувањето со Ормутскиот теснец во нова фаза“, без дополнителни детали. „Иран не бара војна, но нема да се откаже од своите права“, се додава.
Хамнеи не се појавил во јавноста од почетокот на војната, по шпекулациите за неговата состојба по воздушните напади на 28 февруари во кои загинаа неговиот татко и неколку членови од семејството.
Одделно од овие разговори, израелски и либански претставници треба да се сретнат следната недела во Вашингтон, изјави претставник на Стејт департментот за РСЕ/РЛ.
Израелските напади во Либан го ставаат примирјето под притисок
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди интензивирање на нападите врз Либан, додека масовното бомбардирање насочено кон милитантите на Хезболах го става под притисок договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран.
Иако САД го сметаат Хезболах за терористичка организација и ги осудуваат неговите активности, бројни светски лидери ја критикуваа и израелската кампања во Либан. Според либанското Министерство за здравство, во изминатите два дена во нападите загинале повеќе од 300 луѓе.
САД и Израел тврдат дека Либан не бил дел од договорот за прекин на огнот со Техеран. Иранските власти, пак, велат дека бил вклучен и предупредуваат дека продолжувањето на нападите врз нивниот сојузник Хезболах може да го урне примирјето.
Каја Калас на 9 април изјави дека „израелските дејствија го ставаат под сериозен притисок примирјето меѓу САД и Иран“ и дека договорот „треба да се прошири и на Либан“.
Британскиот премиер Стармер исто така оцени дека израелските напади врз Либан се „погрешни“ и дека „треба да престанат“.


