По најсмртоносниот напад врз Либан, Израел се согласи на преговори со Бејрут

Објавено:

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 9 април изјави дека бара директни разговори со Бејрут, еден ден по најсмртоносните напади на Израел врз Либан во коj загинаа над 300 луѓе во Либан и кој го загрози двонеделното кревко примирјето меѓу САД и Иран.

Причината поради која се смета за кревко примирјето меѓу САД и Иран е прашањето кое Вашингтон го нарече „недоразбирање“ околу тоа дали примирјето ја вклучува израелската офанзива против Хезболах – која е е прогласен за терористичка организација од страна на САД, а поддржана од Техеран во Либан.

„Во светлината на постојаните барања на Либан за отворање директни преговори со Израел, вчера му наложив на кабинетот да започне директни преговори со Либан што е можно поскоро. Преговорите ќе се фокусираат на разоружување на Хезболах и воспоставување мирни односи меѓу Израел и Либан“, се посочува во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.

Кратко пред изјавата на Нетанјаху, либанскиот претседател Џозеф Аун рече дека „единственото решение за ситуацијата во Либан е да се постигне прекин на огнот меѓу Израел и Либан, проследено со директни преговори меѓу нив“.

Новинската агенција Ројтерс цитираше висок либански функционер кој рече дека Либан го поминал последниот ден залагајќи се за привремено примирје за да се овозможат пошироки разговори со Израел.

Функционерот рече дека не е одреден датум или локација и дека на Либан му се потребни САД како посредник и гарант на каков било договор, наведе Ројтерс.

Претходно во март, израелскиот лидер Нетанјаху ја отфрли понудата за директни разговори со Либан. Неговата денешна нова изјава доаѓа во услови на широки меѓународни критики за израелските напади, напади што Техеран смета дека го кршат договорот за прекин на огнот постигнат меѓу САД и Иран доцна на 7 април. Според толкувањето на САД и Израел, договорот не го вклучува Либан.

Франција, Британија и Италија со критика кон Израел за нападите врз Либан

Со свои гледишта и пораки околу ситуацијата на Блискиот Исток излегоа и европските земји.

Франција повикува на трајна деескалација, активно спроведување на прекинот на огнот меѓу
Соединетите Американски Држави и Иран и продолжување на дипломатскиот дијалог. Смета дека трајната безбедност во регионот, особено во Ормутскиот теснец, може да се обезбеди само преку договорено решение со Иран, интегрирање на нуклеарните, балистичките и регионалните димензии.

Францускиот претседател Емануаел Макрон во објава на социјалните мрежи посочи дека разговарал телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масоуд Пезешкиан.

„Изразив надеж дека прекинот на огнот ќе биде целосно почитуван од секоја од завојуваните страни, во сите области на конфронтација, вклучително и во Либан. Ова е неопходен услов за прекинот на огнот да биде веродостоен и траен“, се вели во неговата објава.

Франција остро ги осудува неодамнешните израелски напади, кои ги оценува како „неприфатливи“. Франција ја поддржа нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на Обединетите нации поднесена од Бахреин. Резолуцијата беше насочена кон деескалација и обезбедување на Ормутскиот теснец.

Но нацрт-текстот на резолуцијата беше блокиран од Русија и Кина.

И Британија ги осуди израелските напади. Министерката за надворешни работи на Велика Британија, Ивет Купер, за „Скај њуз“ изјави дека очекува и Либан да биде дел од примирјето.

„Длабоко сум загрижена поради ескалацијата на нападите што ги видовме од Израел во Либан вчера. Ги видовме хуманитарните последици, огромното масовно раселување на луѓе во Либан. Затоа силно сакаме да видиме проширување на прекинот на огнот во Либан“, додаде таа.

Италијанската премиерка Џорџија Мелони изјави дека Израел „не го почитувал“ двонеделното примирје со Иран со спроведувањето на нападите, јавува новинската агенција Ројтерс.

„Дојдовме на чекор од точката од која нема враќање, но сега се соочуваме со кревка перспектива за мир што мора да се постигне со решителност“, изјави Мелони пред парламентот, додавајќи дека Италија го осудува секое кршење на примирјето и повикува на траен прекин на непријателствата.

Во меѓувреме Либан прогласи ден на национална жалост откако во бранот израелски напади во средата загинаа најмалку 254 лица.