Автобус се запали во западна Турција, при што загинаа 8 луѓе, меѓу кои и деветмесечно бебе

Објавено:

 Осум луѓе, меѓу кои и едно деветмесечно бебе, загинаа синоќа, а 33 се повредени кога автобус од непознати причини излетал од патот, удрил во заштитна ограда и се запалил во јужна Турција, објавија турските медиуми. Автобусот патувал од Измир кон Анталија кога се случила несреќата на автопатот Денизли-Ајдин во близина на селото Сарајкој.

Автобусот, во сопственост на туристичката агенција Памуккале, се удрил во заштитните бариери на автопатот додека превезувал 38 патници и тројца вработени од Измир до медитеранскиот град Анталија, соопшти новинската агенција Демирорен. Во инцидентот се повредени околу 33 луѓе. Меѓу загинатите се 50-годишниот возач и таткото на новороденчето. Дел од повредените имаат изгореници, скршеници и повреди предизвикани од силниот удар и пожарот. Неколкумина се задржани под интензивен медицински надзор поради сериозноста на повредите. Брзата помош ги распределила повредените во повеќе болници во Денизли за да не се преоптовари еден медицински центар.

Засега нема официјално објавена листа со имињата на сите повредени ниту детална информација колку од нив се во критична состојба. Турските власти соопштиле дека истрагата и идентификацијата на жртвите и повредените сè уште се во тек.

Саботата беше последниот ден од Курбан Бајрам. Религиозниот празник обично бележи пораст на сообраќајни несреќи низ цела Турција, бидејќи луѓето патуваат да ги посетат семејството и да одат на одмор.