По неколку дена протести, ирската полиција презеде мерки за растерување на демонстрантите што ја блокираа единствената рафинерија за нафта во оваа земја.
Растерувањето на демонстрантите следуваше откако висок владин функционер изјави дека протестите поради зголемувањето на цените на горивата создале „многу опасен економски момент“ за Ирска.
Демонстрантите лути поради растот на цените на дизелот, кои скокнаа за повеќе од 20% од почетокот на војната на САД и Израел против Иран, со трактори и камиони ги блокираа рафинеријата „Вајтгејт“, две пристаништа, терминал за гориво и голем број патишта во главниот град Даблин.
Стотици бензински пумпи останаа без гориво, загрозувајќи ја работата на некои служби за итни случаи, соопшти Владата.
Јавниот радиодифузер РТЕ објави снимки од полициската реакција денеска, 11 април од кои се гледа дека е приведен еден демонстрант додека други се потиснуваат за да може да поминат возила кон рафинеријата.
Полицијата објави и видео на социјалните мрежи на кои се гледа како голем број камиони со нафта влегуваат во рафинеријата.
Полициската интервенција следуваше откако министерот за финансии Сајмон Харис изјави дека протестите предизвикале исклучително опасен момент за економијата на Ирска. Премиерот Мајк Мартин, пак, во петокот предупреди дека земјата е во опасност да биде принудена да ги одбие испораките на нафта поради блокадите.


