Административците од осум државни институции сместени во зградата на поранешното НИП „Нова Македонија“ привремено ќе работат од дома затоа што по пукнување на топловодна цевка дел од објектот е поплавен, а вода навлегла и во дел од електричните инсталации. Станува збор за Министерството за образование, Државната изборна комисија, Министерството за локална самоуправа, Министерство за дигитална трансформација и Министерство за администрација.
Владата на денешната седница им препорача на институциите да ја реорганизираат работата без физичко присуство на вработените во зградата.
„Имајќи ги предвид последиците, особено продирањето на вода во дел од електричните инсталации, како и потребата од спроведување на сите неопходни технички и безбедносни проверки пред повторно ставање на објектот во редовна функција, Владата донесе заклучок со кој се препорачува на институциите сместени во објектот да го реорганизираат своето тековно работење односно вработените привремено да ги извршуваат своите работни обврски преку работа од дома, без физичко присуство во зградата“, се вели во соопштението на Владата.
Струјата во објектот е исклучена од безбедносни причини, поради што не работат лифтовите, компјутерските системи и серверите. Пред зградата повторно да се користи, треба да се извршат технички и безбедносни проверки, соопшти Владата.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, изјави дека враќањето на електричната енергија ќе следува дури откако ќе се санира влагата и ќе се утврди дека нема ризик за електричните инсталации.
„Се активираа агрегатите, но целосната функција ќе се врати веднаш штом се санира влагата и се приклучи струјата. Бидејќи водата течела низ инсталациите за струја и е ризично. За нормално функционирање, сигурно ќе требаат пет до шест дена“, изјави Томовски за дел од медиумите.
Оттаму велат дека мерката е превентивна и дека надлежните служби работат на санација на дефектот и создавање услови за безбедно враќање на вработените. Технички екипи ја испумпуваат водата и ги отстрануваат последиците од поплавата.
Хаваријата се случила околу полноќ, по што реагирало обезбедувањето од МВР. Засега нема прецизни информации за обемот на поплавата и материјалната штета. Според првичните процени, можно е објектот да остане без електрична енергија и во наредните денови, зависно од оштетувањата и времето потребно за безбедно вклучување на електричната мрежа.
Во зградата се сместени Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Државната изборна комисија, делови од Министерството за економија и труд, како и други агенции и управи.


