Експлозија во фабрика за огномет ја потресе Малта, засега нема жртви

Објавено:

Силна експлозија и низа помали експлозии ja потресоа Малта на 1 јуни наутро во фабрика за огномет, испуштајќи густ облак од чад во воздухот. Експлозијата во фабриката за огномет Лурд на Трик ил-Кади во местото Салина предизвика голема материјална штета во околината. Според досегашните информации, засега нема евентуални жртви или повредени.

Пожарникарите на Одделот за цивилна заштита не беа во можност веднаш да го проверат местото за потенцијални жртви, поради тековните пожари и помалите експлозии на местото, јавува малтешкиот медиум „Тајмс Малта“.

Службите започнаа евакуација на луѓето од околината бидејќи мали експлозии продолжија да се слушаат неколку часа по првичните експлозии. Првата голема експлозија одекнала околу 6:25 часот наутро, а жителите од неколку места пријавиле дека прозорци и стакла се искршиле во и околу нивните домови од силата на експлозијата.

„Слушнав експлозија, како пробна експлозија. Потоа, по околу 30 секунди или повеќе, имаше огромни експлозии во долг татнеж. Вратата од гаражата и зградата се тресеа“, велат локалните жители за малтешкиот медиум „Тајмс Малта“.

Истата фабрика за огномети експлодираше и пред осум години, во мај 2018 година, кога двајца мажи беа тешко повредени.

Времето на денешната експлозија, само еден ден по објавувањето на резултатите од парламентарните избори, потсети на две слични трагедии кои исто така се случиле веднаш по соопштувањето на изборните резултати, при што имаше три жртви.

Имено, на изборите во Малта победи владејачката партија на премиерот Роберт Абела која освои историски четврти последователен мандат.