Француската морнарица пресретнала танкер за нафта на руската т.н. флота во сенка, соопшти францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој посочи дека операцијата е спроведена вчера, во Атлантскиот Океан, на отворено море, со поддршка на неколку партнери, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, и со строго почитување на поморското право.
Танкерот што пловел кон Мурманск бил пресретнат на околу 740 километри западно од Бретања.
Во објава на Икс, Макрон порача дека е неприфатливо бродовите да ги заобиколуваат меѓународните санкции, да го кршат поморското право и да ја финансираат војната што Русија ја води против Украина повеќе од четири години.
Според францускиот претседател, овие бродови, кои ги игнорираат дури и најосновните правила за навигација, претставуваат и закана за животната средина и безбедноста.
Според поморски власти, танкерот е придружуван од бродови на француската морнарица кон пристаниште за понатамошна проверка.
Ова е четврто запирање на брод поврзан со руската флота во сенка од страна на Франција откако претходно слични операции беа спроведени на Медитеранот и крај брегот на Бретања.


