Гугл менува правила по притисокот од ЕУ

Објавено:

Технолошкиот гигант Гугл (Google) од 30 август ќе ги промени своите правила за спам во Европската Унија за да одговори на загриженоста на европските регулатори, која би можела да резултира со казна поради прекршување на правилата за пазарна конкуренција, објави компанијата.

Промената се однесува на политиката на Гугл со која се обидува да спречи објавување содржини од трети страни на веб-страниците со цел искористување на сигналите кои им овозможуваат подобро рангирање на тие страници во резултатите од пребарувањето. Таа пракса е позната како „parasite SEO“ пракса каде што на популарни веб-страници се објавуваат содржини од трети страни со цел да се искористи високиот рејтинг на доменот за подобро позиционирање на пребарувачот.

Комисијата утврди дека политиката ја намалувала видливоста на медиумите.

Европската комисија утврди дека оваа политика ја намалувала видливоста на веб-страниците и содржините на медиумите и другите издавачи во резултатите од пребарувањето на Гугл кога тие содржеле материјали од нивните комерцијални партнери.

Гугл објави дека од 30 август мерките со кои се намалува рангирањето на веб-страниците нема да се применуваат на корисниците во 27-те земји членки на ЕУ, како и во Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Политиката надвор од Европскиот економски простор нема да се менува, додаде компанијата. На Гугл му се заканува казна до 10 проценти од глобалниот приход

Загриженоста поради оваа политика ја поттикна Европската комисија, која ја надгледува пазарната конкуренција во ЕУ, да покрене истрага врз основа на Актот за дигитални пазари (DMA), чија цел е да ја ограничи моќта на големите технолошки компании. За прекршување на DMA, на компаниите може да им бидат изречени казни во висина до десет проценти од нивниот глобален годишен приход.