Иран се подготвува да го погребе поранешниот врховен лидер Али Хамнеи

Објавено:

Иранските власти започнаа специјални погребни церемонии за поранешниот врховен лидер Али Хамнеи, по повеќе од четири месеци откако беше убиен заедно со неколку помошници и членови на семејството за време на првиот ден од американско-израелската војна со Иран.

Според иранските локални новински агенции, телото на Хамнеи било префрлено во Големата џамија во Техеран, главен молитвен комплекс во главниот град, утрото на 3 јули.

Извештаите велат дека се очекува странски делегации „да му оддадат почит на поранешниот лидер на Исламската Република“ подоцна во текот на денот.

Иранските власти планираа еднонеделна програма што вклучува „збогум, погребна поворка и погреб“ за Хамнеи и велат дека се надеваат дека „милиони луѓе“ ќе присуствуваат на церемониите.

Хамнеи владееше со Иран повеќе од три децении, период обележан со репресија, заплашување, апсења и строги политички и социјални ограничувања за многу Иранци.

Откако беше објавена неговата смрт во воздушен напад на САД и Израел на 28 февруари, некои Иранци јавно изразија радост од веста, што доведе до апсења, строги казни, а во некои случаи и до смртни закани.

Хамнеи, иранскиот духовен лидер и највисок авторитет кој ја водеше земјата речиси четири децении, беше убиен на 86-годишна возраст. Славен меѓу своите поддржувачи како мудар водач, а осудуван од критичарите како диктатор, Хамнеи ќе остане запаметен како монументална фигура на Исламската револуција, кој врз основа на угледот на побожник и со огнена посветеност кон целта се искачи на позицијата врховен водач.

Употребата на сила од страна на Хамнеи против сопствениот народ, затворањето на опозициски фигури во рамките на самиот естаблишмент и жестокиот отпор кон надворешни влијанија особено кон САД и Израел, го обликуваа неговото наследство како суров и бескомпромисен авторитарен лидер кој ја одведе својата земја во меѓународна изолација.

Последните години од владеењето на Хамнеи беа обележани со чести протести против естаблишментот и државната репресија, при што беа убиени илјадници демонстранти.

Протестите поради високите трошоци за живот во 2017 година, цените на бензинот во 2019 година, недостигот на вода во 2021 година и амртта во протвор на Маша Амини, млада жена која наводно го прекрши законот за хиџаб во 2022 година, го одразуваа растот на антирежимското расположение во Иран.

Сепак, протестите против Исламската Република со најголем број смртни жртви започнаа кон крајот на декември 2025 година и траеја до почетокот на јануари 2026 година.

Немирите беа брутално задушени, а групите за човекови права потврдија повеќе од 7.000 смртни случаи, но предупредија дека вистинскиот број веројатно е многу поголем. Некои проценки се четирипати повисоки од потврдениот вкупен број.

Али Хамнеи никогаш не презеде одговорност за порастот на противењето кон неговото владеење, туку наместо тоа за протестите против естаблишментот ги обвинуваше странските актери, за кои тврдеше дека сакаат да ја ослабат Исламската Република.