Јавна комуникација, вештачка интелигенција и графички дизајн

Објавено:

Човештвото колективно се соочува со појавата на вештачката интелигенција на глобален план. Забрзувањето на времето, превласта на мигот над векот, постојаната изложеност на вести и новости и катадневните „историски“ достигнувања во тандем со сеприсутноста на дигиталните технологии верувам дека веќе сите нè заморија.

Што се однесува до вештачката интелигенција, грубо кажано мислам дека сè уште не знаеме што нè снашло. Јасно е дека станува збор за вонредно моќна технологија, моќна што поради сопствената способност, што поради влијанието што (ќе) го има врз општеството, економијата и начинот на живот.

Телеграфски пренесувајќи го моето искуство со ВИ, ќе наведам дека импресиите ми се измешани.

Од една страна, повеќето ВИ-алатки барем засега имаат ограничена употреба во моите професионални активности поврзани со историјата. Слабо ја владеат стручната литература при што честопати даваат сосема погрешни информации. Значи, во никој случај не може да важи за водич низ дадено академско поле.

Од друга страна, дел од нив одлично препознаваат и транскрипираат рачно напишан текст. На пример, работејќи на едно писмо напишано во доцниот 19. век, не можев јасно да прочитам неколку зборови. ВИ ми помогна со тоа. Преводот, исто така, е нејзина силна страна.

Но, нешто што ме загрижува е како пополека ја депонираме нашата способност да твориме, пишуваме, разговараме, па дури и размислуваме.

Ако претходно технолошкиот развој го вадеше човекот од полето и рудникот давајќи му повеќе време да размислува, чита и пишува, сегашната ситуација наликува на човештво што остава технолошки модел да се бави со уметноста и мислата препуштајќи им ја физичката работа на луѓето.

Намалениот интерес за уметноста, изумирањето на хуманистичките науки на универзитетите, нечитањето се првите симптоми на овој феномен.

Наместо ботот да ни помогне со чистењето на домот за да ни се ослободи време да го правиме она што го сакаме, ВИ пишува и „твори“ за нас за да можеме уште повеќе да чмаеме на социјалните мрежи, конзумирајќи реклами и „содржини“. Зошто некој би го читал Хаксли кога може да го живее?

Зошто Град Скопје би трошел пари и време да најми графички дизајнер и создаде естетски соодветен плакат кога ChatGPT може за миг да ја заврши работата бесплатно? Башка тоа, туку конечно дознавме кој се крие зад „Воинот на коњ“. Не бил Александар, туку Один качен на шестоногиот Слејпнир.

Да бидам искрен веќе подолго време забележувам дека ВИ како да го има убиено графичкиот дизајн особено кога станува збор за создавање на информативен и промотивен материјал за компании, граѓански организации, медиуми и јавни установи.

Фејсбук е преплавен со естетско промашени, безвредни и неподносливо евтини постери и инфографици. Се прашувам дали ентитетите кои јавно објавуваат ваков материјал се свесни каква порака им испраќаат на своите корисници.
Не ни е гајле на кој начин и како ја пренесуваме нашата порака до вас. Ни 5 минути нема да посветиме на вас. Сакале или не, еве ви и пријатно.

Ете, така некако звучи билбордот на Град Скопје, но и сите други ВИ-генерирани постери, инфографици и покани. Овие организации покажуваат страшна непочит и негрижа за својата целна група, своите граѓани, клиенти, вака вреднувајќи ја важноста на комуникацијата со јавноста. Наместо професионален дизајнер да подготви промотивен материјал што ќе го долови духот на една организација и ќе ги пренесе нејзините вредности, добиваме ѓубре.

А какви вредности пренесува Градот со тоа што продолжува да фигурира името на Спиро Китинчев на списокот на претходни скопски градоначалници оставам да пресудите сами.

ПС. Намерно пишувам дека ВИ „твори“ бидејќи таа во моментот само репродуцира, повторува. Не е способна да создаде ништо оригинално. Значи, уште ни ја нема одземено најчовечката, ако сакате и Боголиката особина. Создавањето.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.