Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа се закани дека ќе ги интензивира нападите со беспилотни летала длабоко на руска територија.
„Задачата е илјада дронови со долг дострел да извршат напади врз Русија. Во моментов, спроведуваме во просек повеќе од 300 такви напади со долг дострел, оваа бројка мора да се зголеми“, наведе Зеленски во синоќешното редовно обраќање до нацијата.
Тој додаде дека Украина мора максимално да го искористи оружјето за да ги одбие руските напади.
„Украина мора значително да го зголеми производството на пресретнувачки ракети специјално дизајнирани за спротивставување на руските беспилотни летала“, наведе Зеленски.
Пред неколку дена Зеленски изјави дека Украина смета оти Русија планира да мобилизира дополнителни 300.000 војници за своите воени напори по руските парламентарни избори во средината на септември.
Тој го опиша тоа како дел од „периферна мобилизација“, насочена кон оддалечените региони на Русија.
Силите на Москва продолжуваат со напорите за заземање на преостанатиот дел од индустрискиот регион Донбас во источна Украина, каде што руските војници напредуваат, но, според Киев, тоа го прават по огромна цена – пишува новинската агенција Ројтерс.


