Општина Приштина го отстрани знамето со натпис „Слободна Украина“ поради изјавата дадена еден ден претходно од украинскиот претседател Володимир Зеленски против независноста на Косово.
„Државата Косово мора да се почитува. Кога Косово не се почитува, главниот град Приштина секогаш одговара на ист начин“, рече градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, во објава на социјалните мрежи.
Знамето беше кренато во центарот на Приштина по избувнувањето на војната, како знак на солидарност со Украина.
Рама рече дека народот на Косово отсекогаш бил во солидарност со народите што се соочуваат со војна, насилство и дискриминација, бидејќи „знаеме што значи да се бориме за слобода, достоинство и право да постоиме како држава“.
За време на неговата прва официјална посета на Белград, на 7 и на 8 август, Зеленски рече дека неговата земја не го променила својот став за непризнавањето на Косово и рече дека го почитува територијалниот интегритет на Србија и меѓународното право.
Украинскиот лидер рече дека неговата земја е благодарна на Србија за почитувањето на територијалниот интегритет на Украина, вклучително и Крим, кој Русија нелегално го анектираше во 2014 година.
Иако Киев не ја признава независноста на Косово, Приштина се придружи на европските и американските санкции против Русија поради војната во Украина. Земјата, исто така, им обезбеди засолниште на украинските новинари кои избегаа од својата земја поради војната.
И Албанија реагираше на изјавата на Зеленски.
Албанското Министерство за Европа и надворешни работи го нарече погрешен секој обид за правење паралели меѓу Косово и други меѓународни ситуации.
„Не треба да има недоразбирање по ова прашање: секој обид за правење паралели или изедначување на Косово со која било друга меѓународна ситуација е погрешен, опортунистички и целосно неточен“, соопшти Министерството.
За разлика од Србија, која одбива да воведе санкции против Русија, со која одржуваше блиски односи дури и за време на руската инвазија на Украина што започна во 2022 година, Косово се приклучи на европските и американските санкции против Русија поради војната во Украина. Земјата, исто така, им обезбеди засолниште на украински новинари кои избегаа од својата земја поради војната.
Албанија, членка на НАТО и кандидат за ЕУ, ја повтори својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Србија е единствената земја од регионот и од кандидатките за членки на ЕУ, што не се приклучи на санкциите на Европската Унија кон Русија воведени поради инвазијата на Украина. Од друга страна, пак, за Киев и Белград заеднички се аспирациите за членство на Унијата и залагањето на тероторијалниот интегритет на државите.



