Косовските власти ја презедоа контролата врз железницата во Звечан и Лепосавиќ, општини со српско мнозинство на северот од Косово, пренесе Радио Слободна Европа.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани изјави дека полицијата пружила помош за време на преземањето на објектите на железничките станици, каде што биле отстранети знаците „Српски железници“, а биле поставени нови со натпис „Железничка инфраструктура на Косово“ (ИНФРАКОС), со знамето на Косово.
Министерот за внатрешни работи во технички мандат, Џелал Свечла, изјави дека законите мора да се применуваат на целата територија на Косово и дека „Српски железници“ е една од последните „паралелни и нелегални“ институции што функционирале.
Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, го обвини премиерот во технички мандат Албин Курти за „насилство и сила“, поврзувајќи го потегот со железничките станици со почетокот на предизборната кампања за изборите на 7 јуни.
„Курти никогаш нема да успее да ја спречи државата Србија да им помогне на своите луѓе на Косово и Метохија, а сите работници во објектите на „Српски железници“ кои беа нападнати денес ќе продолжат да ги добиваат сите бенефиции и плати како и претходно“, рече Петковиќ.
Министерот за инфраструктура на Косово во технички мандат, Димал Баша, изјави дека од четврток, целата железничка инфраструктура на север е под управување на косовското јавно претпријатие ИНФРАКОС. Тој изјави дека железниците на север досега биле „узурпирани од нелегални паралелни српски структури“.
Железничкиот сообраќај од северот на Косово до Србија и обратно не функционира во последните неколку години.
Во годишниот извештај на косовската компанија ИНФРАКОС од 2024 година, се наведува дека тие немале пристап до железниците на север и дека се очекувало ова прашање да се постави во рамките на дијалогот меѓу Приштина и Белград, но дека тоа не се случило.
Во последните две години, Косово ги затвори речиси сите српски институции што функционираа во српските заедници во повоениот период. Додека косовските власти наведуваат дека спроведуваат ред и правда, членовите на српската заедница ги гледаат овие чекори како „дискриминација“ или форма на „репресија“.
Меѓународната заедница, исто така, го критикуваше затворањето на српските институции од страна на косовските власти, со образложение дека на немнозинските заедници прво мора да им се обезбедат услугите што ги добивале преку српскиот систем.
Министерот Свечља изјави дека Косово нема да го толерира функционирањето на српските институции и дека сите ќе бидат затворени. Србија пак одбива да ги затвори своите институции во Косово, и најчесто ги преселува во пограничните градови.
Исто така, Косово инсистира на интеграција на образовните и здравствените институции што работат во српскиот систем во областите каде што живее српската заедница, што наидува на отпор од локалното население, политичките претставници и граѓанскиот сектор.
Европската Унија оцени дека прашањето за интеграција на овие две области мора да се реши во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.


