Првата дама на САД, Меланија Трамп, во обраќање од Белата куќа, кое изненади голем дел од западните медиуми, негираше дека некогаш имала врска со озлогласениот финансиер и сексуален престапник Џефри Епстин.
„Лагите што ме поврзуваат со озлогласениот Џефри Епстин треба да престанат денес“, рече првата дама на САД.
Таа, исто така, ги негираше и гласините дека тој ја запознал со Доналд Трамп нарекувајќи ги „злобни обиди за оцрнување на мојот углед“.
Меланија Трамп во своето обраќање излезе со тврдења и оти не ја познава Гилсен Максвел, соработничка на Епстин. Таа се осврна на електронската преписка што ја имала со Максвел од 2002 година, којашто беше објавена во досиејата, и ја нарече само „случајна преписка“ и „учтив одговор“.
„Никогаш не сум била пријателка со Епстин. Доналд и јас бевме канети на исти забави како Епстин од време на време, бидејќи преклопувањето во социјалните кругови е вообичаено во Њујорк и Палм Бич … Да бидам јасна, никогаш не сум имала врска со Епстин или неговата соучесничка, Максвел“, зборуваше првата дама на САД.
Таа повика и жртвите на Епстин да бидат сослушани во Конгресот на што демократскиот претставник од Претставничкиот дом, Роберт Гарсија, веднаш одговори дека се согласуваат со повикот за јавно сослушување.
Меланија Трамп не кажа зошто одлучила да зборува на оваа тема во овој момент додека нејзиниот советник, Марк Бекман, во изјава за „Ројтерс“ рече дека „Првата дама Меланија Трамп проговори сега бидејќи е доста. Лагите мора да престанат“.
„Време е јавноста и медиумите да се фокусираат на нејзините неверојатни достигнувања како Прва дама, животите на кои позитивно влијаеше и нејзината посветеност на нашата нација“, рече Бекман.
Американскиот претседател Доналд Трамп како кандидат на републиканците водеше кампања за втор мандат во 2024 година, ветувајќи дека ќе ги објави досиејата на Епстин и обвинувајќи ги демократите за прикривање на вистината.
Трамп и Епстин биле пријатели во 1990-тите. Администрацијата на Трамп започна со објавување на досиејата откако за тоа беше донесен закон во американскиот Конгрес.
Републиканците и демократите го усвоија законот во ноември 2025 и покрај приговорите на Трамп. Законот наложува да се објават сите документи, со можност за делумна редактура со цел заштита на жртвите.
Епстин првично беше уапсен во Флорида во 2005 година по обвинувањата дека платил на 14-годишно девојче за секс. Десетици други жртви опишаа дека биле сексуално злоставувани од него. Во 2008 година, тој постигна договор за признавање на вина и тајно се изјасни за виновен по една точка, а потоа отслужи 13 месеци во затворска програма што му овозможи да продолжи да работи.
Но, во 2019-та, Епстин беше обвинет за трговија со луѓе во Њујорк. На товар му се ставаше дека им плаќал на девојчиња под 18 години да вршат сексуални дејствија во неговите домови во Њујорк, Флорида, и на неговиот приватен остров помеѓу 2002 и 2005 година.
Истата година, додека чекаше судење за обвиненија за трговија со луѓе, тој почина.
Неговата смрт во затвор и пријателствата со богатите и моќните предизвикаа теории на заговор дека други истакнати личности биле вклучени во неговите наводни злосторства и дека тој бил убиен. Главниот судски истражувач на Њујорк утврди дека смртта на Епстин била самоубиство со бесење.


