Осумкракото златно сонце на македонското знаме на синоќешната прослава по повод одбележување на 35- годишнината од независноста на Македонија беше заменето со знаме со 12 сончеви краци. На дел од сценографијата и визуелните елементи беше прикажан симбол кој потсетува на македонското државно знаме, но сонцето има повеќе зраци од оние на официјалното знаме. Снимките и фотографиите од настанот, вклучително и директниот пренос на МРТ и на Јутуб, покажуваат дека сличен симбол може да се забележи на повеќе места на сценографијата. За сценографијата бурно реагираше опозицијата.
„На официјална државна прослава за 35 години од независноста, платена со огромни суми пари од граѓаните, власта на Мицкоски го утна македонското знаме. Срамно и понижувачки. Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба. Тендер патриотите го покажаа своето лице. Повторно. Го погрешија македонското знаме“, е наведено во соопштението на СДСМ.
По оваа реакција жестоко одговори и владејачката партија, со став дека „опозицијата која два пати го менуваше знамето нема право да говори за понижување“.
„На СДСМ сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација, каде знамето од повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме со осум краци. Талогот на општеството од СДС, партијата којашто два пати го менуваше знамето, еднаш името, еднаш банкнотите, Уставот, е последна која може да говори за понижување на државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, ова е е прв пат како стилизирано знаме да се користи со 12 краци наместо 8 колку што има на официјалното знаме.
Во 2021 година, тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го осуди изборот на логото на за одбележување на 30 годишнината од независноста, коментирајќи дека тоа е сквернавење на знамето, а како што беше наведено во нивното тогашно соопштение го доведува во прашање и општественото уредување и историски континуитет на македонската државност, пишува новинската агенција Макфакс.
Синоќешната прослава на охридскиот стадион „Билјанини извори“ беше првиот настап од предвидената серијата настани посветени на јубилејот 35 години независна Македонија, а организаторите најавуваат богата програма и големи музички имиња во пресрет на 8 септември чија завршницата ќе биде настапот на Дејвид Гета на градскиот стадион во Скопје.
На стадионот „Билјанини извори“ настапија Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи, а преку музика, театар и поезија беше претставена приказната за македонската држава, нејзината историја, успеси, загуби и генерации.
Настаните за независноста ќе се одвиваат под мотото „Силно светнал ден“, со настани и концерти во 11 градови во Македонија. На 8 септември 1991 година во Република Македонија се одржа успешен референдум по кој беше прогласена независна Република Македонија, која дотогаш беше во рамките на поранешна Југославија.
На референдумот граѓаните се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?. Според конечните резултати од 1.495.626 гласачи, на референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава.



