Насилник фрлил хемиско средство во очите на партнерката

Објавено:

Четворица мажи завршиле во полициска станица, додека еден поминал само со полициски службен разговор е исходот во последните 24 часа откако полицијата постапила по седум пријави за семејно насилство во земјава. Според полицискиот билтен меѓу пријавените случаи има сопрузи кои нападнале сопруги, син кој физички ги нападнал своите родители, маж кој ѝ се заканувал на партнерката и на нивната ќерка со остар предмет, како и жена која со метален предмет ја повредила својата мајка.

Во еден од потешките случаи во Скопје, 37-годишна жена пријавила дека нејзиниот вонбрачен партнер ѝ истурил хемиско средство во лицето и очите додека биле во автомобил. Таа била пренесена на Клиниките „Мајка Тереза“ каде што ѝ била укажана лекарска помош.

Од МВР велат дека се работи на расчистување на сите случаи и најавуваат соодветни кривични или прекршочни пријави против сторителите.

Во изминативе  два месеци низ полициските станици низ државата имало над 300 пријави за семејно насилство, а најмалку 180 луѓе биле приведени поради семејно насилство.

Овие статистики може да се извадат од соопштенијата што Министерството за внатрешни работи (МВР) речиси секојдневно ги објавува по настанот во скопско Тафталиџе кога на 2 март мајката Ивана заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја – жртви на семејно насилство, скокна од балкон. Двете ги загубија животите.

Сопругот на Ивана и татко на Катја, Стојанче Јовановски, доби 12 години затвор, со неправосилната пресуда што денеска – 7 мај, ја изрече Основниот кривичен суд Скопје. Против него беше покренато обвинение за неколку кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Дел од активистите во невладиниот сектор го делат впечатокот дека има поместување кога е во прашање ажурноста на полицијата, но велат, тоа треба и да остане така и да не задржи само туку и за сите надлежни за борба против семејното и насилството врз жените.

„Апсолутно промени има, се почитува принципот на тоа итно постапување, се излегува на терен, се поднесуваат барања за итни мерки. Ситуацијата се сфаќа посериозно. Но, прашање е до кога ќе биде вака бидејќи и во минатото имало ажурно постапување после секој инцидент, но потоа тоа како да спласнува“, вели за Колегиум.мк извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска.

Како што вели таа, да се надеваме дека причината за ажурноста на институциите не е и тоа што сè уште има активни постапки во кои треба да се утврди дали имало одговорност кај полицијата, Центарот за социјална работа и други односно дека будноста на институциите не се должи само на „стравот“ да не бидат казнети.

 Бети Пеева од невладината ЕХО, организација од источниот регион на државата која се занимава со прашања од областа на заштитата на жените жртви на родово базирано насилство вели дека се зголемил и бројот на пријави кај нив.

„Можам да кажам дека од аспект на нашето советувалиште, имаме за 300 отсто зголемени јавувања во изминатите два месеци од жени кои бараат помош и се спремни да пријават. Самиот случај ги охрабри да пријават и да преземат чекори да се заштитат и да побараат помош од институциите“, вели Димушевска од Националната мрежа.