Која е тајната на долгиот живот?
Три бразилски сестри со вкупна возраст од 316 години, кои неодамна беа прогласени од Гинис за најстарото живо трио браќа и сестри во светот, може да им помогнат на истражувачите да го откријат тоа.
Проектот ДНК Лонжево, студија предводена од научничката Мајана Зац од Универзитетот во Сао Паоло, има за цел да ги истражи биолошките фактори зад стареењето, пишува агенцијата Ројтерс.
Наодите од случајот на трите сестри би можеле да им помогнат на научниците подобро да разберат зошто некои луѓе остануваат физички и когнитивно отпорни во исклучително напредна возраст.
Истражувачите ќе ги споредуваат деведесетгодишниците и стогодишниците со луѓе кои развиле слабост, когнитивен пад или хронични болести, барајќи особини поврзани со долговечноста.
„Преку ДНК тестирање, бараме заштитни гени и знаеме дека има неколку од нив“,изјави Зац, која го координира Центарот за истражување на човечкиот геном на универзитетот.
„Колку повеќе луѓе имаме кои живеат над 100 години, особено семејства со повеќе стогодишници, толку попрецизно ќе биде нашето истражување во „идентификувањето на тајната на долговечноста“, додава таа.

Научниците веруваат дека наследните фактори можат да играат поголема улога од влијанијата на животната средина во зачувувањето на здравјето и функцијата подоцна во животот.
Сестрите, Зулина де Деус Нунес (103), Зораиде де Деус Мота (104) и Левита де Деус Нунес (109), кои живеат во Рио де Жанеиро, беа идентификувани преку LongeviQuest, глобална организација која ги потврдува рекордите за долговечност и е партнер со Гинисовата книга на рекорди.
Кога сестрите ќе ја достигнат таа возраст, очигледно постои силна генетска компонента“, изјави за Ројтерс, Бен Мејерс, извршен директор на LongeviQuest.
„Но, бидејќи живеат блиску една до друга, тие имаат и мрежа за поддршка, со семејство кое може да помогне кога е потребно. Дефинитивно постои и аспект на заедницата.“
Трите сестри ја припишуваат долговечноста на здравата исхрана и активниот живот
Зулина се присетува на детството поминато пливајќи и ловејќи риба во реките.
„Сè беше свежо, немавме фрижидер“, раскажува таа.
„Доењето е исто така неверојатно важно“, додава сестра и Зораиде.

Сестрите инаку воделе прилично обичен живот. Левита работела како занаетчија, а подоцна во телевизиска мрежа. Зораиде била медицинска сестра и одгледала пет деца, додека Зулина била домаќинка и одгледала шест деца.
Левита се осврнува на својот живот без жалење.
„Имав добро детство и адолесценција. Не можам да се жалам“, вели таа.
Истражувачите се надеваат дека ќе разберат како генетските фактори, а не начинот на живот, помагаат во заштитата на срцето, мускулите и когнитивната функција од последиците од стареењето.
Целта на студијата, рече истражувачот Жоао Пауло Гиљерме, кој работи со Зац, „е да се стигнеме до 500 стогодишници за да можеме да извлечеме поконкретни заклучоци за долговечноста“.


