Неколку лица загинале, а неколкумина се сериозно повредени во пожар што избувнал во фабрика во Лонгвју, во близина на границата на државата Вашингтон со Орегон на северозапад од САД, соопштија локалните власти.
Противпожарната служба на Лонгвју, во заедничка изјава со „Нипон Дајнавејв Пакингџ“ и локалните власти, потврди дека имало жртви и повеќекратни сериозни повреди во инцидентот. Точниот број на жртви сè уште не е објавен.
Службите за итни случаи интервенирале откако резервоар што содржел бела течност пукнал и предизвикал пожар.
Во овој момент, официјалните лица наведуваат дека нема непосредна закана за околната заедница, се додава во соопштението за медиумите.
Станува збор за фабрика во Лонгвју во државата Вашингтон, која припаѓа на компанијата „Нипон Дајнавејв Пакингџ“, во целосна сопственост на јапонската мултинационална компанија „Нипон Пејпер Индустрис Ко., Лтд.“. Компанијата произведува картонска амбалажа за течности.
Гувернерот на државата Вашингтон, Боб Фергусон, изрази сочувство до жртвите преку платформата X.
„Длабоко сум тажен што слушнав дека имало смртни случаи. Моите мисли се со работниците и нивните семејства, како и со членовите на службите за итни случаи“, напиша Фергусон.
Шефот на противпожарната и спасувачка служба на Каулиц, Скот Голдштајн, изјави дека бројот на жртви сè уште не е утврден, додека е потврдено дека во несреќата се повредени десет лица, вклучувајќи еден пожарникар.
Според него, повредите се движат од полесни до екстремно тешки и опасни по живот. Тој додаде дека пукнатиот резервоар имал капацитет од околу 300.000 литри и дека бил полн околу 60 проценти.


