Општините имаат над 47 милиони евра ненаплатени даноци, такси и надоместоци

Објавено:

Во период од четири години, 2020-2024, општините во Македонија генерирале дури 47.761.274 евра ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци. Во истиот период извршиле отпис и на 3.803.170 евра.

Тоа што овие пари наместо во општинските каси, стојат ненаплатени, е од причина што општините не ги користат во целост расположливите фискални капацитети за прибирање на даноци, такси и надоместоци, утврди Државниот завод за ревизија (РЗР).

„Од вкупно ненаплатените побарувања по основ на данок на имот, 67% или 1.163.814 илјади денари (речиси 19 милиони евра) се постари од 5 години, што укажува на слабиот фискален напор на општините“, посочуваат ревизорите.

Генералниот заклучок на ревизијата што била направена е оти „мерките и политиките на надлежните органи и единиците за локална самоуправа не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци“.

Според ДЗР, постојната правна рамка не предвидува ажурирање на регистарот на недвижен имот по службена должност, а проблематично е и што роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно дефинирани, не е регулиран начинот на достава, а постојат и ограничувања во спроведување на ревизијата.

Ревизорите нагласуваат и оти методологијата по која се пресметува вредноста на објектите, за кои општините наплаќаат даноци и такси, е застарена и цените не се ажурирани со години, па не ја рефлектираат реалната пазарна вредност на имотот. На тој начин се потценува даночната основа, а општините губат пари бидејќи се намалуваат приходите што реално би требало да ги имаат.

Како што е констатирано, само 15 од вкупно 80 општини и Градот Скопје, имаат спроведено ревизија на пазарната вредност на имотот.

Понатаму, ревизорите се осврнуваат и на комуналните такси.

„Во услови кога тарифите за комунални такси не се ажурирани, нивното утврдување и наплата често се врши без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници, не е обезбедена добра основа за целосна и ефикасна наплата на овие приходи. Дополнително, некоординираноста на надлежните институциите вклучени во процесот го намалуваат создавањето на поволно институционално опкружување во кое општините треба ги остваруваат своите надлежности и да обезбедат стабилни сопствени приходи“, наведуваат од ДЗР.

Ревизорите, исто така, наведуваат и дека општините немаат доволно ресурси, не се пополнети работните места во даночните единици, има нецелосни регистри на недвижен имот, не се воспоставени регистри на подвижен имот итн.

Врз основа на остварениот приход по основ на даноци, такси и надоместоци, ДЗР утврдила и оти генерално руралните општини се со послаб фискален капацитет во однос на урбаните. Исклучок се Петровец, Илинден и Чучер Сандево. Додека најсилен фискален капацитет имаат Градот Скопје, Карпош, Чаир, Струга, Аеродром, Кавадарци… На дното на оваа листа, пак, се Зрновци, Новаци, Лозово, Кратово, Желино Центар Жупа, Ранковце, Могила, Арачиново.