Околу 70 палестински мажи биле пронајдени скриени во камион за ѓубре од страна на израелската полиција додека се обидувале да влезат во Израел од окупираниот Западен Брег, јави агенцијата Асошиеитед Прес.
Израелската полиција објави снимка на која се гледа како се отвора задниот дел од камионот, откривајќи ги мажите збиени во делот за отпад. На видеото се забележува полицијата со оружје, како го опкружува камионот.
Некои од мажите внатре ги креваат рацете во воздух или ги ставаат зад главите додека ги откриваат и извлекуваат од камионот, еден по еден.
Министерството за одбрана на Израел соопшти дека мажите „се обидувале да се инфилтрираат во централен Израел“ и дека биле запрени на контролен пункт на Западниот Брег.
Властите не дадоа детали за мотивот за обидот за влез, но Итал Алмог, локален полициски командант, ги опиша како „лица со нелегален влез“, термин што обично се однесува на Палестинците што влегуваат во Израел во потрага по работа.
Алмог рече дека мажите биле на пат кон градови низ Израел и биле однесени на испрашување. Возачот, израелски државјанин, возел без соодветна дозвола и бил уапсен.


