Почнува расправа за над 300 амандмани за Предлог-буџетот за 2027 година

Објавено:

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува претрес по амандманите на Предлог-буџетот за 2027 година.

За предложениот ребаланс на Буџетот поднесени се над 300 амандмани од овластени предлагачи.

Во општата расправа, пратениците од власта истакнаа дека Предлог-буџетот за 2027 година претставува рамка за одговорно управување со јавните финансии, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност, навремено исполнување на обврските кон граѓаните и реализација на развојните програми на државата. Оценија дека станува збор за развоен буџет насочен кон економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард.

Од друга страна, опозициските пратеници оценија дека проекциите на Владата не ја отсликуваат реалната економска состојба и дека зголемените дефицити и задолжувања го доведуваат во прашање развојниот карактер на буџетот. Според нив, капиталните расходи не се доволни, а најавените инвестиции и проекти не се поткрепени со соодветни средства во буџетските ставки.

Во предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто во споредба со 2026 година.

Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари.

Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти.

За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти во согласност со законското усогласување.

Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари.

Од вкупните обврски за отплата, 46,5 милјарди денари се за надворешен долг.