Познатиот турски комичар Дениз Ѓокташ е уапсен и притворен по одлука на суд во Истанбул, откако властите го обвинија за „поттикнување омраза и непријателство“, како и за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на стенд-ап настап објавен на Јутјуб.
Ѓокташ бил приведен на главниот аеродром во Истанбул при враќањето од одмор. Потоа, судот му одредил мерка притвор по сослушувањето од страна на обвинителите, во врска со делови од неговиот настап во кои се споменуваат претседателот Ердоган и Куранот. Видеото од настапот било објавено на 24 јуни на Јутјуб и досега има околу 9,4 милиони прегледи.
Според Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул, надлежните институции примиле 185 претставки во врска со содржината на видеото. Во меѓувреме, Дирекцијата за верски прашања на Турција јавно го критикувала настапот во неделната петочна проповед, оценувајќи дека исмејувањето на верските вредности под превезот на хуморот негативно влијае врз воспитувањето и вредностите на младите генерации, пренесоа новинските агенции.
Во својата изјава пред обвинителите, Ѓокташ негирал дека имал намера да ги навреди верниците или претседателот. Тој изјавил дека истиот настап се изведува речиси три години во различни градови низ Турција и дека употребата на терминот „диктатор“ била дел од добро позната јавна дебата во земјата, јавија турските медиуми, а пренесе Јуроњуз.
Апсењето на комичарот предизвика брзи реакции кај неговите поддржувачи, кои се собраа пред судот во Истанбул за да протестираат против одлуката. Снимките на кои Ѓокташ е со лисици на рацете зад грб масовно се споделуваа на социјалните мрежи.
Неговиот случај доаѓа во период кога турските власти ги засилија мерките против критичарите на владата. Во последните недели беа уапсени новинари, адвокати, универзитетски професори, еколошки активисти и претставници на ЛГБТ+ заедницата, додека пристапот до неколку профили на социјалните мрежи беше блокиран.


