„Прогресивна Бугарија“ на Радев победи на изборите во Бугарија

Објавено:

„Прогресивна Бугарија“ на Румен Радев е убедлив победник на осмите предвремени парламентарни избори во последните пет години, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.

Првите проценки од излезните анкети на „Алфа Рисрч“ покажуваат дека „Прогресивна Бугарија“ освоила 37,5 отсто гласови, ГЕРБ-СДС има 16, 2 отсто, ПП-ДБ – 14,3 отсто гласови.

Излезните анкети на „Маркет Линкс“ пак, покажуваат 38,9 отсто гласови за „Прогресивна Бугарија“, 15, 4 отсто за ГЕРБ-СДФ, 13, 6 отсто за ПП-ДБ.

Или, на второ место е ГЕРБ, коалицијата ПП-ДБ е трета, а според сите три агенции, ГЕРБ бележи значителен пад на поддршката.

„Очекувавме да бидеме први. Да ги видиме конечните резултати“, изјави Радев откако првичните резултати на агенциите ја посочија „Прогресивна Бугарија“ како победник по денешните парламентарни избори, објави БГНЕС.

Радев како претседател на Бугарија јавно се спротивставуваше на европските санкции против Русија и на помошта за Украина. Тој во јануари годинава се повлече од функцијата за да влезе во изборната трка.

Проценките покажуваат дека во овој момент, иако коалицијата поврзана со Румен Радев има значителна предност ѝ недостигаат десетина пратеници за да обезбеди самостојно мнозинство од 121 мандат во парламентот.

Тоа значи дека конечниот исход веројатно ќе зависи од постизборни коалициски договори, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу формирањето на идната влада во Бугарија.

„Изборите одлучуваат кој ќе биде прв, но преговорите ќе одлучат кој ќе владее. Едно е да се добијат изборите, а сосема друго е власта. Во политиката, како и во животот, потребно е трпение“, е првиот коментар од седиштето на ГЕРБ на Бојко Борисов по завршувањето на изборниот ден, објави Нова ТВ.

Бугарија денеска одржа осми парламентарни избори по ред од 2021 година, со цел излез од политичката криза која трае веќе пет години. Право на глас имаа повеќе од 6,5 милиони граѓани. 

Политичката криза во Бугарија трае со години. Од 2021 наваму, ниту една партија не успева да освои јасно мнозинство, што доведува до серија предвремени избори и краткотрајни влади.

Само во 2024 година, Бугарија одржа два парламентарни избори – во јуни и октомври – но и двата резултираа со расцепкан парламент и без стабилна коалиција.

На последните избори кои се одржаа во октомври 2024 година, победи централно-десничарската коалиција ГЕРБ, но со околу 25% од гласовите. Во парламентот влегоа дури осум партии, но ниту една комбинација не обезбеди стабилно мнозинство.

Ова значеше дека владата мораше да биде составена од повеќе партнери со различни интереси, што ја направи прилично нестабилна.