Невообичаениот топлотен бран во Европа руши температурни рекорди предизвикувајќи владини предупредувања, особено во Франција каде веќе се пријавени смртни случаи.
Француската министерка за спорт, Марина Ферари, изрази сочувство до семејството и блиските на еден тркач кој почина во недела за време на трка во Париз, пишува новинската агенција „Асошиејтед прес“. Весникот Le Parisien објави дека 53-годишниот маж доживеал срцев удар за време на трката во главниот град и дека пожарникарите не успеале да го реанимираат.
Портпаролката на француската влада, Мод Брежон денеска (26 мај) информираше за седум смртни случаи, меѓу кои пет предизвикани од давење, кои се поврзани со топлотниот бран што ја зафати Франција во последните неколку дена.
„Она што можам да ви го кажам денеска е дека се случија седум смртни случаи кои се директно или индиректно поврзани со топлото време“, изјави Брежон за каналот ТФ1 (TF1), додавајќи дека ситуацијата дополнително ќе се прецизира по завршувањето на топлотниот бран.
Ројтерс објави дека во повеќе од 350 градови низ Франција, се забележани највисоките температури досега измерени за месец мај. Освен Франција, топлотни рекорди во рамки на екстремен рано-летен топлотен бран се бележат и во Обединетото Кралство, а во делови од Шпанија, се очекува температурите да достигнат и до 40 степени целзиусови до крајот на оваа недела.
Британската метеоролошка служба (Met Office) соопшти дека е срушен рекордот за мај, откако во Лондон била измерена температура од 34,8°C – пишува Ројтерс.
Француската метеоролошка служба (Météo France) доцна во понеделникот соопшти дека се регистрирани нови месечни рекорди за мај на 352 метеоролошки станици, главно во западна Франција, при што највисоката температура – 37,1°C била измерена во близина на Хосегор, во регионот Ланд.
„Ова е невидена појава со веројатност од 1 на 1.000 да се случи во овој период од годината, според климатските податоци од 1979 до 2025 година, и речиси невозможно во прединдустриската ера,“ изјави климатологот Кристоф Касу за Le Monde.


