Швајцарија ќе гласа да го ограничи населението на 10 милиони

Објавено:

Дали една земја може да воведе граница на бројот на население што живее во неа, е прашањето за кое утре (недела) Швајцарците ќе одлучуваат на референдум. Предлог е земјата да нема повеќе од 10 милиони жители што во пракса би довело и до забрана за доселување на странци.

Станува збор за предлог што го поддржува десничарската Швајцарска народна партија, а кој се чини дека има и голема поддршка меѓу граѓаните. За партијата потегот за ограничување на населението, претставува „иницијатива за одржливост“ со што ќе се намали притисокот врз домувањето, јавните услуги и животната средина.

Швајцарската влада, но и сите други големи партии, бизнис лидери и синдикати го нарекоа предлогот „иницијатива за хаос“, тврдејќи дека тоа ќе ги лиши болниците и хотелите од многу потребен персонал за работа и ќе ги наруши тешко изградените односи со Европската унија, оставајќи ја Швајцарија, која не е членка на ЕУ, изолирана во многу ризичен свет.

Населението на Швајцарија брзо расте од 2002 година – тогаш изнесуваше 7,3 милиони. Сега е 9,1 милион, од кои 27% се странски жители.

Многу од гласачите се загрижени од пренатрупаните возови, скапите станови и зголемените трошоци за здравство, пишува Би-би-си.

Најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека резултатот може да биде тесен. Тие сугерираат дека околу 52% се противат на предлогот, додека 45% велат дека се за предлогот, а значителен број гласачи сè уште се неодлучни.