Скокна цената на нафтата по најавите за блокада на Ормутскиот теснец

Објавено:

Цените на суровата нафта пак се зголемија откако пропаднаа преговорите меѓу САД и Иран, а американскиот претседател Доналд ТРамп се закани дека ќе го блокира Ормутскиот теснец. Од ноќеска, 12 кон 13 април, цената на барел сурова Брент нафта скокна за девет проценти и чини речиси 104 долари. Рано наутро на 13 април, цената на фјучерсите за нафта изнесуваше околу 102 долари, што е за седум проценти повисока од петокот вечер.

Пред почетокот на разговорите меѓу САД и Иран во пакистанскиот главен град Исламабад во саботата, цената за барел изнесуваше 95,20 долари. А цената на американската нафта ВТИ, со испорака во мај, исто така, ноќеска значително порасна. Цените на нафтата во моментов остануваат најважниот индикатор за загриженост на пазарот во врска со инфлацијата и економските перспективи.

Американската војска денеска, по наредба на претседателот Доналд Трамп, објави блокада за бродовите во Ормутскиот теснец кои влегуваат или заминуваат од иранско пристаниште. Според објавата на Трамп, блокадата треба да започне во 16 часот по средноевропско време.

„Со важност од веднаш, Морнарицата на Соединетите Држави, најдобрата во светот, ќе започне процес на блокада на сите бродови што се обидуваат да влезат или да излезат од Ормутскиот теснец“, наведе тој.

Трамп: Со нелегална такса – нема минување

„Никој што плаќа нелегална такса нема да има безбеден премин на отворено море“, се додава во објавата.

Преговорите меѓу САД и Иран завршија без успех.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека преговарачите ќе се вратат во САД без договор затоа што Иран не сака да се обврза дека нема да се стреми кон нуклеарно оружје.

Иранските медиуми, пак, објавија дека САД поставиле „прекумерни“ барања, иако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи се чини дека ја остави вратата отворена за повеќе дискусии, пишува Блумберг.