Спречен снајперски атентат во Црна Гора

Објавено:

Црногорската полиција спречила планиран снајперски атентат врз Радослав Гиле Станишиќ, високопозициониран член на кавачкиот клан, пренесе црногорски „Вијести“.

Планот бил осуетен по повеќедневна операција на Специјалното полициско одделение и Специјалното државно обвинителство.

Осомничената група, според информации на „Вијести“, со денови го следела и снимала Станишиќ, често менувајќи локации, станови, возила, мотоцикли и оружје. Последната фаза од планот требало да биде снајперски истрел, но безбедносните служби претходно добиле разузнавачки информации и почнале да ги следат осомничените.

Во полициската акција во населбата Стари аеродром во Подгорица биле уапсени Арјан Речковиќ, Тарик Муминовиќ и Милош Марковиќ, за кои претходно биле распишани меѓународни потерници за тешки кривични дела.

Поради сомнеж дека имале улога во подготовката на ликвидацијата, кривична постапка е покрената и против уште три лица: Белмин Лекиќ, Аднан Абдовиќ и Вукашин Марковиќ. Црногорските власти ги товарат осомничените за создавање криминална организација, недозволено држење оружје и фалсификување документи.

Случајот повторно го отвора прашањето за насилните пресметки меѓу кавачкиот и шкаљарскиот клан, чиј конфликт со години ја потресува Црна Гора и регионот.