Соработката на парламентарно ниво, за тоа ќе разговараат претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши и неговата бугарска колешка Михаела Милчева Доцова, утре 23 јуни, во Софија. Како што образложи Гаши на денешниот брифинг со новинарите, поради политичката ситуација и честите избори во Бугарија, досега немало можност да се воспостави директна добра комуникација со нивното Собрание. Во врска со уставните измени, кои се клучни за отворање на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, Гаши рече дека ќе го пренесе ставот на Владата.
„Треба да разговараме, треба да одиме напред, да најдеме начин како да бидеме заедно во ЕУ. Мислам дека иднината треба да не спојува а не минатото, така што одам со позитивна мисла и сакам да учествувам во подобрување на односите помеѓу нашите две држави и два парламенти“, вели Гаши.
Актуелната влада е на став дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.
Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата, функционирањето на институциите.
Состанокот ќе биде на маргините на конференцијата на Процесот за соработка во ЈИЕ. На состанокот во Софија веќе присуствуваат двајца пратеници, на кои Гаши утре треба да им се приклучи.
Пред десетина дена, македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова исто така во Софија. Средбата беше оценета како успешна, но Давкова посочи дека Бугарија нема барања само за уставните измени, туку и за историската комисија. Од кабинетот на Јотова, пак, по средбата објавија соопштение во кое го потенцираа условот за внесување на Бугарите во Уставот.
Односите меѓу две држави се влошија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство. Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази нејзиниот став за ова прашање.
Со овој компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени.


