Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, на 2 јули ќе треба да се јави во затворот ,,Скопје” во Шуто Оризари, соопшти Кривичниот суд.
„Судија за извршување на санкции од Кривичниот суд Скопје, на осудениот С.Ј му издаде упатен акт за издржување на едногодишната казна затвор и истиот е упатен да се јави во затвор „Скопје“ на 2 јули 2026 година“, информираа од Кривичниот суд.
Пред неколку дена од Кривичниот суд информираа дека со пресуда на Апелација, поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, правосилно е осуден на една година затвор за изградбата на општинската зграда.
Во казната му се калкулира и 5-месечниот притвор, што значи дека ќе треба да отслужи 7 месеци затворска казна.
Според Јакимовски, одлуката е политички мотивирана за да биде спречен да се кандидира на повторни избори за градоначалник на Општина Карпош. Актуелниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски кој беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори лани во октомври, повеќе од еден месец не доаѓа на работа и е на боледување.
Најави дека ќе се жали пред Врховниот суд.
„Повеќе од очигледно е дека лицето што беше избрано за градоначалник на Општина Карпош направи нешто што е незапаметено во историјата на Македонија, го напушти своето работно место и му се губи трага и сега власта бара чаре како да се справи со евантуалниот пораз во Општина Карпош. Нивниот рејтинг во Карпош е мал, преповолен е бројот на гласови и тоа е основна причина зошто сум виновен. Од сите страни добивавме информации дека предметот се укинува и се враќа на повторно одлучување во Основиот суд. Ова е сега нешто ново, направено под притисок. Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине’“, рече Јакимовски.
Јакимовски е осуден за изградба на бараките во скопското основно училиште „Лазо Трповски“ каде беше сместена општинската администрација до пуштањето на употреба на новата општинска зграда.


