Стотици уапсени во Франција по бурната прослава на Лигата на шампионите

Објавено:

Над 400 луѓе се приведени низ цела Франција по судирите меѓу фудбалските навивачи и полицијата по победата на Париз Сен Жермен (ПСЖ) во финалето на Лигата на шампионите против Арсенал. Натпреварот се одигра во Будимпешта и заврши со 4-3 на пенали, откако регуларниот дел и продолженијата завршија со реми од 1-1.

Демонстрантите користеа пиротехнички средства, огномет и факли, додека неколку полицајци беа повредени во тепачката. Полицијата употреби солзавец за да ги растера толпите во центарот на градот. Илјадници полицајци беа распоредени за да ги спречат немирите кои предизвикаа блокади на автобускиот и железничкиот сообраќај во главниот град Париз, јавува британскиот јавен сервис Би-Би-Си.

Иако ова беше последователна победа за ПСЖ, ова беше и втора година по ред во која настана насилство по улиците низ Франција поттикнато од фудбал, откако победата на францускиот тим во 2025 година предизвика прослави кои имаа смртоносни последици.

Со овој триумф, ПСЖ стана дури вториот клуб во ерата на модерната Лига на шампиони (по Реал Мадрид) кој успеал да го задржи трофејот две години по ред.

Видео снимките кои се споделуваат на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер, се забележуваат драматични слики од запалени автомобили, кршење на излози на продавници и демонстранти со запалени факли кои бегаат од полицијата.

Познатата француска улица за прошетка во Париз, „Шанзелизе“ беше преплавена од навивачи кратко откако францускиот тим победи во изведувањето на пенали.

Претходно во текот на денот имаше судири меѓу полицијата и навивачите кои се појавија да го гледаат финалето на огромни екрани на стадионот „Парк де Принс“ на ПСЖ. Полицијата соопшти дека шест возила, два бизниса и автобуска станица биле оштетени за време на немирите.

Француското Министерство за внатрешни работи на Франција соопшти дека 416 лица биле уапсени во раните утрински часови во неделата, вклучувајќи 280 лица во Париз. Францускиот мнистер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека седум полицајци биле повредени и ги нарече немирите „апсолутно неприфатливи“.

Осуда за насилството изрази и лидерот на крајната десница во Франција, Марин Ле Пен.

„Само во Франција победата на фудбалски клуб предизвикува немири. Само во Франција секој се чувствува принуден да се заклучи во своите домови вечерта на победата за да избегне соочување со насилство“, напиша таа на социјалната мрежа Х.

За недела попладне е предвидена парада во која треба да учествуваат фудбалерите на клубот ПСЖ во која се вклучува обиколка на Шам-де-Мар до Ајфеловата кула и прием што го организира францускиот претседател Емануел Макрон.

Минатата година, триумфот на ПСЖ на Европското првенство беше нарушен од судири во кои загинаа две лица, меѓу кои и едно 17-годишно момче.