Трамп: Цела една цивилизација ќе умре вечерва

Објавено:

„Цела една цивилизација ќе умре вечерва, за никогаш повеќе да не се врати“, е дел од пораката што претседателот на САД ја упати како предупредување преку својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) алудирајќи на Иран.

„Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи. Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, каде што преовладуваат различни, попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно, КОЈ ЗНАЕ? Ќе дознаеме вечерва, во еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот. Четириесет и седум години изнуда, корупција и смрт конечно ќе завршат. Господ да го благослови големиот народ на Иран!“, напиша Трамп во својата објава на Трут Соушл.

Ваквата порака следува откако Трамп претходно го услови Иран за итно запирање на воените активности и за деблокада на Ормутскиот теснец. Тој се закани со „невидени последици“ ако неговите барања не бидат исполнети во целост.

Рокот што го даде Трамп тогаш беше вторник 20 часот по локално време во Вашингтон. По македонско време, тоа е 2 часот во среда наутро.

Иранската страна, пак, ја отфрли заканата од Трамп.

Ормутскиот теснец е стратешки важен канал низ кој минува транспортот на нафта – дури една петина од светската понуда.