Трамп: Го убивме најактивниот терорист во светот

Објавено:

Американските и нигериските сили убија висок командант на ИСИС во петокот, објави претседателот Доналд Трам за операција за која тврди дека „значително ја намалила“ моќта на милитантната група.

„Вечерва, по моја директива, храбрите американски војници и вооружените сили на Нигерија беспрекорно извршија прецизно испланирана и многу сложена мисија за елиминирање на најактивниот терорист во светот од бојното поле“, наведе Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.

Американскиот претседател наведе дека го убиле Абу-Билал ал-Минуки, „втор по команда на ИСИС на глобално ниво“.

„Тој повеќе нема да ги тероризира луѓето од Африка, ниту да помага во планирањето операции насочени кон Американци“, вели Трамп додавајќи дека ал-Минуки „мислел дека може да скрие во Африка, но не знаел дека имаме извори кои нè информираат за тоа што прави“.

Според документите на американските власти, ал-Минуки е роден во 1982 година во североисточната сојузна нигериска држава Борно, која граничи со Камерун, Чад и Нигер.

Ова не е првиот фатален напад што Трамп го нареди врз наводните милитанти на ИСИС во Нигерија, кои ги обвинува за прогон на христијаните во западноафриканската земја.

Во декември, Трамп изјави дека наредил „моќен и смртоносен удар против ИСИС“ во северозападна Нигерија бидејќи милитантите убивале невини христијани.

Нигериската влада тогаш ги отфрли тврдењата дека не прави доволно за да ги заштити христијаните од насилство, велејќи дека е збунета од предлогот на Трамп за потенцијална воена интервенција.

Христијаните и муслиманите ги сочинуваат двете најголеми религиозни групи во Нигерија, најнаселената нација во Африка и дом на околу 237,5 милиони жители.

Земјата со години се бори со длабоко вкоренети безбедносни проблеми предизвикани од различни фактори, вклучително и религиозно мотивирани напади. Насилни конфликти произлегуваат и од етнички тензии, како и од несогласувања меѓу земјоделците и сточарите поради ограничениот пристап до земјишни и водни ресурси.