Трамп: Иран се согласи да нема нуклеарно оружје

Објавено:

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека Иран се согласил да не поседува нуклеарно оружје и дека најверојатно во одреден момент ќе се сретне со врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, доколку работите „се одвиваат добро“.

„Тие веќе се согласија дека нема да имаат нуклеарно оружје“, изјави Трамп за „Pod Force One“ во интервју емитувано во средата, зборувајќи за Иран – пренесе новинската агенција Ројтерс.

На прашањето за вклученоста на Хамнеи во разговорите со Соединетите Американски Држави за прекин на непријателствата, Трамп одговори:

„Тој е вклучен, апсолутно. … Мислам дека имаат голема почит кон него.“

Коментирајќи ја нуклеарната програма на Иран, Трамп изјави дека Техеран се согласил да не се стекне со нуклеарно оружје.

„Не можеме да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје, а тие веќе се согласија дека нема да имаат нуклеарно оружје“, истакна тој за „Њујорк пост“.

На дополнително прашање, тој одговори:

„О, да, се согласија на тоа. Мислам, можат да се предомислат, но тоа беше една од работите со кои мораа да се согласат. Се согласија на тоа. Тоа беше најважната работа.“

Од Иран немаше непосреден коментар, но нуклеарното прашање долго време останува главна точка на несогласување во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон – објави весникот Гардијан.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио вчера на сослушување во Конгресот, изјави дека Иран се согласил да преговара за одредени аспекти од својата нуклеарна програма за кои одбивал да разговара дури и пред еден месец.