По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, полицијата го уапси началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричко, објави Радио-телевизија на Србија (РТС). Тој е уапсен под сомнение за злоупотреба на службената положба.
Уапсен е и Бошко Секуловиќ, началник на Службата за сузбивање на криминалот.
Како што објави РТС, тие се уапсени во врска со нивните незаконски дејствија во случајот „Сењак“, како и за тепање на одредени осомничени во тој случај во полициската станица за време на полициските испрашувања.
Марко Кричак помина нешто повеќе од една година како началник на Управата за криминалистичка полиција (УКП), а пред тоа беше началник на Единицата за заштита на лица и предмети.
Кричак ја предводеше полициската акција по убиството на Александар Нешовиќ Баја во ресторанот „27“ во Сењак, каде што првично за тоа кривично дело беше обвинет Веселин Милиќ, кој покрај помошник-директор беше началник на белградската полиција.
Тој стана познат во јавноста кога студентката Николина Синѓелиќ го обвини за закани и полициска бруталност во гаражната зграда на Владата на Србија за време на протестите минатата година и поднесе кривична пријава против него.


