Уште еден смртен случај од западнонилска треска, досега шест починати

Објавено:

Уште еден пациент починал од западнонилска треска вчера попладне, и ова е шести случај со смртни последици, потврди денеска директорот на Клиниката за Инфективни болести, Фадил Цана. Станува збор за 72 – годишен пациент од Скопје. Пациентот бил со доста сериозни придружни заболувања. 

Починатиот пациент бил хоспитализиран пред 15 дена на клиниката, во тешка општа состојба, со тешка клиничка слика, но и покрај сите преземени интензивни мерки во Одделот за интензивно лекување, починал.

Во изјава за медиумите, Цана информираше дека до денеска, на Клиниката за инфективни болести биле или се хоспитализирани 51 пациенти, од кои 27 досега се излекувани и отпуштени од болница.

„Моментално на клиникава се 18 пациенти, од кои 15 се со лабораториски потврдена западнонилска инфекција невроинвазивна форма, додека тројца пациенти се клинички суспектни на западнонилскиот вирус“, изјави Цана.

Во моментов, најмладиот пациент на клиниката е 26-годишен и е во добра здравствена состојба.

Во Одделот за интензивна нега, со тешка клиничка слика се уште петмина повозрасни пациенти.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Повеќето заразени немаат симптоми, а кај околу 20 отсто се појавуваат температура, главоболка, замор и болки во телото. Кај мал број случаи инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, како енцефалитис или менингитис.